Тодор Чаловски. ЅИДАЊЕ СОН МАЃОСНА МЕЃА Да се лута во длабока шума, скраја од светов бел да се бега не е исто што и да се патува во пресрет на непознатото на мислите сонце да им се подари Да се допре сосема тихо насмевката, крајот на играта назорум да се наѕре не е исто што и да се самува во очекување на доцната пролет од која зелена бликнува едноставноста Да се прочита глувото доба на постоењето, бакнежот небесен во ластовица да се претвори не е исто што и да се вдишува премногу жестоко и со љубов чист воздух од легендите идни Да се остане потонат во зборовите, во кои само еднаш и никогаш повеќе – вистински се случуваме исто е што и да се победи смртта сосема исто што и да се избрише крикот меѓата маѓосна меѓу човекот и светот СЛЕДА Итро како по навика влегуваме во својата душа во говорот тажен и тих и гледаме дрчно нè следи волкот на времето кој реве стрвно завива и без колебање врз лицето на денот остава по некоја модрина за паметење ВОДОПАД Устремен кон една вода што лекува и истекува отаде ридјето и песната отаде зборот и непреболот тој одеднаш го открива текот како можност од високо да се искуша паѓањето низ стрмните карпи низ жестоките стрмоглавувања Судбината му определила да биде во вечна кавга со планината и празнината кога блескотно ја покажува својата треперлива душа и кога бучавата галежност е доволна за да се разбере вистинското лице на природата во која веруваш отсекогаш Цел живот му е предаден на мигот во кој грациозно ја сонува сегашноста како причина за секое зачнување од кое правта водна на дното прераснува во пена, во дијалог кому заумно сè му е дозволено освен свртувањето назад за да не секне никогаш гласот од сопствениот занес Фрлајќи околу млазеви вода што се пенат и се разгласуваат тој небаре има отповеќе живот плиснат од страста и довикот требен за летот над празнината над безимената пустелија за да не се менува така лесно така безнадежно над видикот и крикот границата меѓу животот и смртта И кога се чини дека небото над тебе својата сенка ја крева и полека низ пена и бесконечие накрај можеш душа да збереш спастрен отвораш страница нова со свое место под старата стреа за да го покажеш широкиот јазик кој далеку ги памети падовите и искревањата на текот и светот ЗАПОМНЕТИ СЕЌАВАЊА Само земјата ги памети нашите незгаснати допири нашите незаборавни размисли за зрното и семињата за прагот и сегашноста пред кои секогаш ти е отворен влезот за следниот пречек на свадбалените Ние и сега по навик притаено и пркосно го бараме покајувањето од изневерените очекувања со кои неотстапно ѝ се заветуваме на татковината дека ќе ја чуваме и дочуваме невознемирувана и незасрамена од никого, од ништо Од некаде дојазува возбудата што не можам да ја смирам дури длаби во мене како ноќен сврдел споменот за великоста на подвигот и гневот изртени од премногу надеж што плипоти во нејзините воздишки набаре далечен спомен Не знам со што да ги потрупам недоразбирањата што наблегаат в душа и стежнуваат врз покривите врз облаците лулејќи се со нови ластари и нови причини за постојано откровение и постојано вдахновение РИС Од височини ни доаѓаше во приказните за стравот и апежот невидлив како знак на нешто ретко што му се отима на исчезнувањето Тој и сега сведочи свирепо за нарушената рамнотежа меѓу шумот и шумата меѓу привидот и тишината небаре допрен бол пред првата мугра Застанувам така барајќи го жив меѓу карпите и себеси ко чудо безимено кое не прифаќа да се соочи со смртта во мигот кога ѝ се дарува љубовта Искрено речено сè зависи од пркосот со кој неповторливо го изразува сомневањето дали надежта дека ќе преживее има цврсти докази во стварноста ЗРНЦАТА НА СМИСЛАТА Со нив поубаво од другите ја сеќаваш бесконечноста на мигот откинат од семирот што се вовлекол во тебе и расте готов за жетва за најголемото роднинство И нема потаму повеќе од тоа што ни го даруваат како насет на сегашноста вечна која тешко може да се предвиди со себична дума и обичен крик а да не остане незабележана од сонот Посакуваш допир на скриена смисла што ќе те жегне меѓу прстите и обгорен од внатрешен пожар ќе ти плисне придвиг за паметење и ајде сега не биди сосема зачуден од тој понес што останува засекогаш ПРЕДЕЛ Замислувам немир вечен истркалан пред бескрајот како камен што ја брани љубовта од недобрини По севезден ја мериме чудесноста на восхитот чекорите пред очите во недоглед што се множат И утрото и залезот нагорум се пронајдени ко треперлив извор длабок на вечната убавина О, ти сјају од далнини избистрени од времето нè обземаш наврапито со дивиот порив жеден ЗЛАТОВРВ Не затоа што е посипан со злато ами затоа што нема во близина некој друг кој толку силно ќе ја разгласува светоста и убавината под неговото крило, под капата небеска Скриен од окото на зли намерници тој раскошно ни го открива манастирот полн светлина однадвор и одвнатре па од самоти врв ни го шири восхитот ко да минуваат ангели во златни кочии Никогаш не се заборава сината ѕвезда што шета везден над планината ни птицата што го надлетува зданието од кое се крева сонот и возвишеното врз крилјата на Бога кој искачен на врвот свети и јасно ни го покажува патот ЖУБОР Кога заигра воздухот од премногу талкање низ ридјето од премногу самување потече говорот на жедта за зелен блесок меѓу тревите Одеднаш занесот откри предок го отвори видикот за љубов и мигот се претвори во длабоко осознавање на чујното во невидливото Па како да му се одолее палаво загледан во себе на тоа густо ткаење значења и неспокои што навираа во моето детство ВОДНО Денот се отвора како чудна везба послана над ридјето околу нас и нуди љубов што обзема на прв поглед мерејќи го од висина градот Невидливо така почнува да расте од очите жарта плисната врз бранот зелен и каменест дури ја плетеме папочната врвка на древниот одзив Потем искачени итаме кон крстот животот ја крепне помислата божја дака раскрилени нужно со првиот изгрев во усама дивна тишина сме свиле И гледаме како низ Водно се вознел неспокојот блеснат душа што ни грее кога искован во наниз од воздишки густи го будиме градот со порив на усни САМОВИЛЕЦ Од памтивек тука мајсторот на природата си одбрал место за себе за да може да си отпочине човекот што ќе се намери Со убава помисла водата го отворила светот од длабочината и подала раце кон изворот за да си ја изгасне жедта Ноќе прелеан од жуборот ветрот го заигрува орото заедно со самовилата за да не пресуши никогаш на нечии убави усни ПОНОРНИЦА Најпрво ми се чинеше дека ако растам со зборот полесно ќе го совладам мракот што јачи од под земи и налева страв во коските Но тоа не било баш така Вџашен од тажниот неистек што понира длабоко од видот очекувам да се појави таа насамо: жива и здрава Отпосле ми стана јасно дека убавината во осама дебне долго и стрпливо заробена барајќи се себеси за да осамне како невеста ВЛЕГУВАЊЕ ВО СТОБИ На препад треба да се освои градот кому сè му е одземено освен утехата дека со зракот откопан како магија тој повтор нѐ вика да го освоиме Се креваат сенкитe пред нашите очи од ископините таен крик летнува и сонот за сопствената височина ко дар на погледот ни го расповива Над валогот се тркала време напластено притиска каменот, го полни со тага изустениот збор во празниот амфитеатар што сведочи докрај за ослепената светлина Потпрени врз столб од гладни воздишки во јазел ги врзуваме испокинатите нишки и мигот жестоко ни го пробива стравот пред страсните статуи на љубовниците И би Стоби повтор мисла откриена што нè мами, дрочи вечно шепотење и слушаме од птиците и мозаиците како всушност трајно сме го населиле ТРАГА Таму на праизворот кај што сонот за животот и вистината за смртта се заглушени од жуборот на вечната убавина – таму е новиот чекор и обновениот почеток на болот нестивнат блесокот и силата на словото што ни пее од својата иднина Конечно таму излетани од дискот сончев го славиме патувањето смелото враќање дома каде најсигурно нè очекува светиот клуч на претците што ни ги ближи тајните во сјајот на потомците од кого до нас допира говорот како судбина СЕЌАВАЊЕ Звукот што ме брани од острите заби на молкот од спасениот заборав во легендите ене го полека исчезнува како и да го немало никогаш Само некоја друга рака по многу векови сеќавам со иста позлата го обрабува Тоа љубов непозната што беспрекин трае во песната во ист круг идните бајки ги завела ИСКОН Свртени кон сè што иде во твојата прегратка бараме сила бдеејќи над цветот неизречен И кога в навев гледаме јасно како од минатото стрпливо нашите раце високо разлистале ние биваме немерливо штедри оттргнати од тешките окови на времето во очекување Нека таму кај сме наумиле сите кавги бидат само спомен во твојот ден преполн мечтаење Дури така – поблиски до себе во насети горки влегуваме без право сме за покајување Само оној што оставил трага со восхитот на лирата своја од искони порив ќе изрече СИЗИФ Еве ме уморен и сам од другата страна на замислениот Врв В раце место камен својата глава ја носам без страв Нема не можам а морам на ова чудо да му одолеам На патот не совладувам само стрмнини туку и времиња будно вознесени Дури таам чиста љубов за конечниот подвиг не ќе ме совлада ниедна смрт Останувам и натаму заробен од проклетството на неизречените Зборови ЗБОРОТ ВО ПЕСНАТА Зборот во песната всушност е сè: и разлистен корен и грска прав за негово грлење за негово залевање Го исчекуваме оддалеку со раширени раце стрчани во пресрет на сонцето на срцето свое Му откриваме предел непознат му цртаме кругови му копаме бразди да го згрнеме да го доближиме Тој не помирен со себеси и светот стрпливо и вешто нашата судбина ја одгатнува ја врви Затоа без страв и преполн од занес на патот што трае се прашувам: сум ли и бев ли онаму кај што сакав да бидам Останат на нозе чинодејствувам ко монах без сомнеж и без остаток ист и сигурен предаден на зборот во својата песна ПЕВ Се крева високо и непорекливо на незнајното дете сигурен пев Го слушам одново во доба никоја кај силно удира во моиве гради пат да пробие до нереченото И продолжува како прероден сè напред така и уште понапред до раѓањето на бесконечното Ни лута зима ни суво лето не го запира да ја надвие глувотијата да ја преброди небидијата Со него само ќе ги видиме како без престан во нас стражарат буквите знајни а непознати мислите тајни а осознати ГНЕЗДО Таа пролет одвеќе неочекувано подранија ластовиците како за среќа или за приказ си свија гнездо под нашата стреа Денови цели со клунчињата носеа тревки, стракчиња, глина нивниот да го зацврстат дом преполни љубов во работата Ко божем чудни трошинки црни веѓи спрвтани во самоти воздух изведоа и пород за да не бидат штири и осамени во помнежот Од убавина си црцореа тие пластејќи во нас разбирање и тогаш сигурно знаевме ние не ќе е лесно да се разделиме Свикнати на тој џагор птичји не сетивме кога пристигна есента и кога полеа чиста позлата од која ни се палеа и нашите очи Едно утро тие не се огласија нагонот кон далек пат ги однел во нас трошна празнина сетивме и исто толку свената светлина Кога минаа неколку пролети а нивното гнездо в чекање опусте нам ни остана само присетот на миговите што нè огреваа Така ќе да е и со возбудата од блик надојден во молк продолжен и дека најчесто малите нешта за оданоста говорат повеќе И денес гнездото од таа пролет под стреа стои ко реликвија за да знаеме на што би личеле без нас куќите што ги градиме Светот пуст би бил без спротивности но и без стравот да не се најде своето гнездо во кое живее нашата душа и по нас самите КОЈ ЌЕ ТЕ ПРОДОЛЖИ ПЕСНО Лесно ѝ е на птицата да лета кога поетот ќе ја улови в песна кога ќе ѝ искове седефни нокти оти постојано со чуда ќе ја храни нејзината секогаш млада душа Лесно му е на огнот да се запали и да гори секаде кај што ќе го гаснат кога поетот ќе го провери в песна кога ќе му нареди нови узди и ќе го управува според својата волја Лесно му е на морето да се огледува иако не знае на кој брег спие на кој се буди кога поетот ќе го понесе в очи кога во својот крвоток ќе го затвори и долго, долго со него ќе другарува Лесно ѝ е на ружата да се отвора пред вратите на утрешната семенка кога поетот ќе ја поистовети со зборот кога паралелно со неговото дишење ќе расте во песната што ќе е само негова песна Но што ќе прави поетот ако птицата ги надлета чудата ако огнот ја надмудри песната ако морето пресуши во окото ако ружата не го препознае зборот Кој ќе те продолжи тогаш песно? СБ. ЈОВАН БИГОРСКИ На резбарите Фрчкоски Каков ли чудесен белег птицата остава сред просторите Времето веќе нема мерка Облакот напразно ја празни љубовта Лаѓите на смртта отпловиле Немо богатство ги полни конаците Јас не бев пред вратите на рајот но рајот во тебе го видов Пронижан од црни житија од дневните бденија и ноќните воскресенија од сончевата музика на твојот словочетец песокот во гибелната клисура го губеше својот распоред и сè оддеднаш стануваше ништо и пак добиваше големо значење Јас не бев пред вратите на рајот но рајот во тебе го видов Дај ми го тој златен ковчег во кој задоцнетите нежности ги чуваш олтарот вознесен од убавина тие тајни календари по кои своето време го управуваш да ги поминам будните стражи на страста и ги опеам пепелавите чела на оние што со столетија ја учеа резбата на твојот сон Горе блејат белите грла на ангелите а раката на зографот ја напушта ноќта срцето на мојот народ да го отклучи Јас првпат дојдов пред портите на рајот и рајот во тебе го видов. НЕВИДЛИВА РЕКА (ОД МЕНЕ ДО ТЕБЕ) И колку да слегувам подлабоко во тебе никогаш не ќе го победам твојот понор реко моја Нема небо што може да те смени нема галеб летот што ќе ти го врати А сè е скаменет гласник пред твојот невидлив извор и млечен водоскок во твоето опасно срце Лузна на лузна те калеми пред разриканите води таен немир се раѓа и секој го зема она пред себе што го гледа Дали водата пустина сонува или пустината вода што само мене ќе ме познава, што само мене ќе ме има Доаѓа редок збор што ги пресликува бреговите и прашува за магла и месечина што веќе поминале тука Одеднаш како сиот свет да се продолжува во пловидбените мапи на моите капилари и твојата капка станува посвирепа од цело море чии далги одненадеж ги отсликуваат стапалките на црвливата минливост Навистина што ли насетува птицата во стожерното небо? (НЕСРЕЌЕН ПОРЕДОК НА НЕШТАТА) Да не беше тоа продолжена љубов меѓу цветовите или земја што мора да се опее пред да се бакне, пред да се легне во нејзиното студенило помешано со трулеж и црни ветрови, ти би можела слободно да видиш дека е апсолутно неможно тој океан потрошен во проучување, гладното сонце преку ден помрачено, невидливата варница со беспаќа што ја варосувам, одложената вејавица што лае како гладна волчица, посланата маховина однатре што разјадува да се преселат во тебе. (ЛЕТ НАД ВОДАТА) И прелетував од твојата мрачност до мојата прозрачност како мермерен бакнеж, како одложен дожд после суша и бев и не бев големо писмо оплакано од чистата вистина изедначен од себеси како ветер, како облак, како лаѓа, како сенка и пак занесен во твоите мрежи, тргнат во едно друго време. А отсекогаш за твојата лелејка ми недостасуваа два збора што би го прославиле ветрот заклучен во твоето лисје и ќе го сменев времето заробено во одаите на таа гробница во која облакот ја ослободуваше својата струја, ќе ти засадев крст таму кај што ти беше најмалку потребен за да сфатиш дека страдањето е единствен пат до зората што го калеми морето на лаѓата полна ѕвездена пустош, ќе ја продолжев сенката меѓу гласот и спасот која можеше да нè ослободи од стравот за да умреме задоволни ти со мојата зломора, јас во твојата злодоба. (ПОБУНА ШТО НЕ СЕ ГЛЕДА) Има време кога не знаеш веќе дали фенерот ти го покажува патот дали паѓајќи ѕвездата го губи своето небо, дали патува патот или младиот патник што чекорејќи кон светот стигнува само до себе, дали е доцна болката да го пронајде својот облик, огнот својата расцветана пепел, дали користи гласот повторен во мене за да го спаси градот зафатен од пожар, липата што бара спас од ѓаволскиот ветер, пилотот од својот фатален подвиг, дали го научи шепотот на изгубените стрели, на твоите клепки над кои мракот се јави на далечните градини обрастени со божур, на заспаниот скитник времето што му суди, на подземните злости и надземните болести, на соседните планини за нова љубов жедни, на оловниот војник од своето оружје паднат, на лудиот светилник од својата светлост што расне, на водата што ја проверува својата звучност во нас, оти полесно е да се запали огнот отколку да се згасне. (НОЌ ВО КОЈА ТЕ НЕМА) Таа луда ноќ во некоја птица ме препејува. Страв ми е да ѝ пријдам да ѝ се доближам, таа не ме прима половичен, не ме одречува Само уште стравот ме чува да не ѝ се предадам. Доволно е да се укаже Зборот крајот на битката да е поинаков, доволно е да се одбележи разликата меѓу змијата и 'рбетот и сè што нè дели и сè што погрешно нè мери одново да се всели во таа напуштена нестварност во која нашето присуство не беше ограничено од ништо во која можев да те загубам и пак да те вратам, во која не морав да поверувам колку сум свој, а колку ничиј, златна галио, неразбран храму на моите сердарски болести. (МОРЕТО БЕШЕ ДАЛЕКУ) Морето беше далеку дното да му го пресликам во твоите очи Ѕвездата го изгуби патот и од сите страни нè заробува тишината Речи ја таа сончева клетва и шумата ќе остане на своето место Само цветот ќе ни се доближува оти неговото свечено потекло ко жива мисла на пладне нè пепели Јас веќе не знам во мене каде цути а каде прецутува татковата јаболкница поплавена од невидливата река отсекаде што дотечува како сознание за сопствениот очај Но едно време што се мрешка в далечина в труба ќе го заробам и како мало соѕвездие на дланка ќе го кревам до смртни височини Ниту каменот ниту водата го прифаќа нашето вистинско потекло, ти остануваш извор на два скарани брега јас спила на која војникот од битка поблиску до татковината легнал. ПОИСТОВЕТУВАЊЕ Ако некогаш речеш птица и видиш дека зборот птица лета Ако некогаш речеш ветер и видиш дека твојата коса се ниша Ако некогаш речеш дожд и видиш како облакот се празни во некој инсект Нека твојата прашина на моето ѕвездено чело ослободена се движи сликајќи живи неизвесности Нека секоја птица го препознае во мене својот глас Секое дрво нека ја преслече својата кора во твојата вода полна опасни празнини Ако на крајот заборавиш било што да речеш ќе видиш како длабочината на мојата душа во твоето око созрева. ВРАЌАЊЕ НА ПЕСНАТА Пронајди го пак патот до ослепеното око на ноќта каде мртвите по кој знае којпат воскреснуваат со тешки молитви на усни Зашто нема да го премолчам насилството што се вовлекува во мене како шумска болест, оти нема да ја потпишам песната што прерано се ослободила од својата трескава светлина, оти нема да ја споменам слободата што ја признала ноќта за свој последен господар и заборавила на својот поет, музиката што се вовлекува во тишината да му се довери на огнот на чиј раб Времето и против себе подигнува Востание. ВЛЕЗ Доаѓаш тука за да влезеш целиот Но секогаш останува зад тебе она што е поголемо од твојот сон Ти немаш време да размислуваш за ситници оти живееш во време што само тебе те разбира Не можеш да одговараш за она што те прогонува оти победуваш онаму кај што издупчен од сите страни не го разликуваш сонот на коњот од сонот на коњаникот Можеш да влезеш и никој да не те забележи да бидеш слободен сè додека јас те немам Оти само така се продолжува летот Оти само така се продолжува светот ИЗЛЕЗ Сигурно не сте слушнале што ѝ дошепнува ветрот на будната ружа, што раскажува мермерот за мртвиот град, кое време го продолжува мојот најдолг сон, во која ковачница од несон и стопено сребро месечината го потковува сопственото срце, на кој дел од моето тело ме препашува едно екваторско сонце, од која птица преселница најмногу се возбудува утринскиот воздух, во која меана распеано ја минувам последната годишна ноќ, на кој балкон од есенски укит го препознавам најмилиот фустан, во кој обрач од бакарни дојки го заборавам мојот почеток и крај, во кое отселено село една мајка го пронајде својот изгубен син, над кои горчливи езера забранетиот гром ме преселува со засипнат глас, но затоа неодложно чујте сега дека во просторот меѓу два непотпишани стиха о, ништоижен свету, те претворам во семоќна ѕвезда. СОН Пред трошната лаѓа на судниот брег остануваш како отворена рана неизлечен од дамнешни морски болести; Над твојот темен живот небото ти врти црвен конец, Една искра продолжува да се проверува меѓу склопените очи на будното чело; Низ чадот на твоето бело грло поминуваат сите полиња посадени со тутун и сите планини ја кршат својата става за да се населат поблиску до тебе; Низ просторот меѓу далечните дрвореди напати како низ млечен проток минува морето неповратно кон океанот оти не ја признава поделбата на водата и тоа е причината лаѓата да потоне во својата иднина еден морнар по љубовта невозвратена како и Есенин во ленинградскиот „Англетер“ да изврши самоубиство во хотелската соба, еден град да изгори пред да го види својот оџак старите години повторно да се преслечат во нас, еден континент да гладува поради бесмислена војна друг да ни биде поблизок од сопствената куќа, во сечија крв да експлодира по еден невидлив атом, островот да му се врати на родното копно бурата на мирното време, и така секој секого да прогонува и секој најпрво да биде затворен во себе. НОЌЕН ЦВЕТ Одеднаш мојот глас изгубен во тебе најдува сведок; Зад твоите нежни очи како зад мрачни огледала смртта сама себеси се брише оставајќи го светот в пелени; Не изговарајќи те во часот на големото молчење, без страв од можноста дека со иста страст ќе се застреламе самите, подвижна сенко меѓу две бегства, еве се враќаме разјадени од модра топлина; Сè би нацртал на тебе, темен јарболу, целиван крсту во сонот, љубов разлистена сред летни воздишки, мала, а толку голема за да ги исполниш празнините; Ранливи нè има во грчот на сите траења, во просторот кај што е неможно надвор од полноќта да се разбере светот и да се има малку љубов за поетот; Цветот нè продолжува со украден здив низ големите селидби на времето и ние одеднаш узнаваме дека тој толку нужен, тој неопходен цвет за нашето препознавање повеќе не е меѓу нас. ЧИТАЊЕ ЗНАЦИ Колку е сигурно загледувањето во трагите што го откриваат твојот клокот и лекувањето на душата за разговор жедна До неизод патот продолжува на пупката цвет да ѝ отвори скриениот порив и возбуда невидливо да ни ги подари Таму сонот рацете ги подал преплашен од студот на Ништото и сигурен дека ќе е најден нишанот го крева повисоко Осознаен зарем сепак мина преку прагот дарителот тивок зашто ноќта заискрува блесок во кој 'рти и ревност и љубов Сиот живот пуштам длабни сонди водоскокот сончев да те плисне над сурите карпи мој си орач бескрај сееш а ожневаш кремен И затоа трагање го следи она што е – а не е достатно лифтот за миг да стане летало кон некое око што нè чека Гледај: сè е чудно сеќавање само зборот порти разотворил низ нив будни и уште потребни на идноста знаци ѝ читаме ПРОБЛЕСОК. КЛУЧ Се провира лекум, лекум од своите огнени пазуви гласот на големиот бран ѕуни над мракот сонлив и насложува преубав довик за будење на едноставноста И тече обилно, незапирно наспроти немерливиот очај озвучен и крилест тој ја ништи несовршеноста го отклучува денот со раскрилено белило Како од бездна вратен молчам и ја бакнувам милно неговата одежда нова и гледам се сронува лекум врз моите жедни усни капка од света причесна Присутен во промената гласот во битието мое се беше изедначил така со зракот во клуч сплетен како куќата што поначесто заличува на својот стопан ПОЛНОЌЕН ИЗЛЕТ Зад ужареноста на квечерината пее славеј Тука дволичната слобода ја скривме Зад тешките небесни порти некој клучалка врти Тука ја ослободивме месечината Зад уплаканите планини половина ноќ одлета Остана поопасната половина Пострашно е да се легне отколку да се побегне пред наездата на неспокојното време. ПАТУВАЊЕ ДО СЕБЕ ПАТУВАЊЕ ДО СЕБЕ Пловиш со зората во својата трпка надеж сликата да ѝ ја отвориш на големата тајна недопрена како молња Држејќи го коренот своето лице го имаш поблиску од верувањето нежноста човекот да ја познае високо како слобода Во твоето огниште стражари единственото срце што има повеќе љубов од нужноста на раѓањето неименливо како судбина Остани говор отклучен за тие што те заветиле на своето вечно откривање како што јас те имам голема во патувањето до себе Одбранета од сомнежи охрабрена од зачудености неизмислено те отворам крвта во птица ми прераснува како животот и неизвесноста Преполн човечност со тебе се слевам во продолжувањето на сите наши препознавања во одјаздените коби и недоболи над кои растот нестивнат сјадрува Некој чудесен пламен си сонцето што го симнува ветен пат си до сонувањето што секогаш го отстојувам незаменлив како татковина МАКЕДОНИЈА Доволно ѕвездена за да веруваш во себе Жар-птицо родена од најдолгата ноќ Еден ангел уште по твоите ѕидишта гребе и барајќи мелем во отровот на змиската корија ја буди во својата дамнешна моќ – Македонија Двојник си во понорот каде без лелек се губат Сите неверства на мојот стих Шумо Зад твоето подножје далечни гласници трубат По оние што слепи а будни ја открија Како оставена невеста на друмот – Македонија За твоето име се отимаат далечни плими Проверена висино, цвету што те праќам Да ноќеваш со ветерот на јужните зими Додека празнични камбани над мене ми бијат Гледам како од секаде цела ми се враќа – Македонија Те отворам на дланка податлива тајно Распослана над росата со чудесна лика Задоволен што не си патување крајно Туку почеток со оние што ја ослободија Таа фатална, а вечна Евридика – Македонија Доволно ѕвездена за да веруваш во себе Жар-птицо родена од најдолгата ноќ Еден ангел со упрек нè враќа кон тебе и открива мелем во солзите што ги одронија будните сонувачи на таа триж ластарна моќ – Македонија МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Во него одеднаш ми се укажува стамно целоста на земјата, мојата целост Ја крева стреата, го распознава денот во сонот што само нам ни се насмева и така гласот ги има сите бои и во него љубовта најубаво ни гори Од секој збор негов стебло разлистува свишено од родословот, од извесноста своја над кое секогаш трепери по една ѕвезда што ни го кажува патот, чија светлина сал на македонски да се опее може и мечтите од неговиот пев да нѐ згреат Тоа е најубавото огледало на мојот народ со кое на несмрт е осудена неговата душа чиста во својот корен, библиски расеана по светот го отсликува звукот на битието свое долгиот пат до с’ржта на празборот сопствен во кој премногу плодови за берење има Сето цвеќе во него нежна воздишка остава за секој намерник, за сета правостоина на која од малена сме ѝ заветени кога во крвта ни отчукува време непознато и кога постоиме со сите предци и потомци скриени во него – откриени во нас Сега и сонцето негово нè подучува да го чуваме ко лебот наш насушен и колку е неопходно искачувањето до врвот од кој вознесено можеме да ги видиме раскласаните семиња во нашите дамари од чиј порив и самите сме се подмладиле. ЅВЕЗДЕНИ СОНЕТИ (Сонетен венец) I Јасновидна ѕвезда ми затвора очи па за миг се селам во некое време кај ме има чудно раштркан ко семе кај прашувам и сум прашуван без почин за земјата што бранела живот исплетен со звукот на кавал ил гајда, па речи ти време каде да го најдам одговорот челен в недоглед на здивот од питоми сенки и прерани птици со нескротна нежност и магична душа што во дожд се топат по ноќните жици умирајќи тихо над езерска спила без да узнат зошто болта ѝ ја рушат а нејната тајна во мене се скрила. II А нејната тајна во мене се скрила како преслек строен, заговор што бдее во зборот неречен од кого се лее омраза кон проби на војната сила меѓу државите, ко ’рблак в корија и пожар во секој допир што се крева оган пустина што раѓа и созрева сè дури во невид војските му спијат. Во усама одрон на неизрек чмае потонат во ноќта на коренот знаен. Но блик срцето и просторот ги ткае по твоето лисје, в трепетната жила над чиј пркос слеан во небосклон таен серафими биле кај што вознес била. III Серафими биле кај што вознес била и твојата гибел и твојата слава. Задоцнета птица над мојата глава непрегорно пее, ново гнездо свила. Како ќе се вика кога ќе се роди знакот што ќе ги отвора сите врати в животот и смртта? И кој ќе го сфати неговиот наук во она што води? Ангелу мој убав, сенко моја тажна прокоба ни биле предавствата прежни. Твоја ли сум рана или веда снажна пред црвот на стравот? Над мермерни плочи навезена стои сред робии стежни и ставата твоја светлина што точи. IV И ставата твоја светлина што точи понорот го знае пред ден да се дени. Препознаен бескрај кого не ќе плени со неумор кога ни посева очи. Докасува ветер со ѕвона од лето со брежни мириси по твојата следа. Кој тебе те видел ќе знае да гледа колку е немерлив во штедроста светов. Виножитна земјо полична од време раѓање ти греел и љубовен пламен одот непокорен во вечниот стремеж. Дури ти шепотам и дури ти гугам ко на пиле чедно пркнато на камен ме краде збор сетен во сонот твој убав. V Ме краде збор сетен во сонот твој убав па знајни сме двата во судбата наша, слабаците в беспат од сенка се плашат кога лик ти поштам за да не те грубат. Преку тебе му се обраќам на цветот и прашувам уште ли заминат не е некаде со денот, или пак го сее братимниот порив во пламот на летот. Од долина страста расне како плима врз песната гордо во молкот што гаѓа за да знае колку преполна те имам. Устремот е ѕвезда во сопствена вена растот ми го чува што везден ме раѓа а ти си ми мајка и сестра и жена. VI А ти си ми мајка и сестра и жена и стебло во својот црнозем што диши јарбол на дамарот, знаме што се виши пред сите наезди и цвеќа што венат. Патот ти е слеан во бисерна вода ковот на светлоста во најсвиден прстен, јас проврен низ него виеж сум ти брстел будни лета д’ имаш, триж толку да родат. Врз мечот на сонот истоветност сплети со повејот в поле полно сончогледи мигот сè што блеснал вечно и да свети. Сега слач ти мине од пролетна мена изгоро со длабок извир што нè плениш крени се над болот ко бранлива пена. VII Крени се над болот ко бранлива пена над сите неверства, над сè што го крие клучот кон прелеста во човека скриен повисок од брегот, до истрајот кренат. Доаѓам низ прегор со твоето име, се збујатил поглед од твојата зора, ти повеќе тогаш и од метафора ми спотнуваш верба и во самрак зимен. Побрзај, ми велиш, да досегнеш лица во отсликот штедар на полегот слезов. Изронува сетне втас на несоница и чуден звук мами од далечна труба со кој в соне повтам на прагот од влезот еднаш барем в преград цела да те љубам. VIII Еднаш барем в преград цела да те љубам еден миг со тебе нестивнато чекан една средба пална, еден копнеж пекан цела да те имам, цела да те думам. В далечина молња. Глас божем ја вика еден па друг в порек од нивните страни. Со тебе јас пастрам води в мисла збрани што згрнале бои на твојата слика. А потоа снежи. Негде зад нас снежи. Во душата срдби како весла едрат по море од ламтеж што оловно тежи. Овде сме спознати, таму ветар дува ти нежност си сета во полноќта ведра диплена од века сред празнина глува. IX Диплена од века сред празнина глува обзорна те будам. И пронижан видот име ти најдува во фреска на ѕидот облечено сето в најчудесни рува. Наслушнувам буден како тихом раснеш без премал во одот со позлата скрита. Од најсвидна ѕвезда таен коњик ита посилно да блесне огнот што те јаснел. Се намножил ѕунот од уварда стасан во грлото жарта прснува од врвот, намерникот-чекор со усвита вјаса и во мене двојно обзорот го креснал па билка на билка те препева прво – останува трајна верна љубов в песна. X Останува трајна верна љубов в песна како долг и заграб на коцорни желби што умеат штрекот на скришните средби да го сторат личба во понесот блеснат. Крај мене си сега дури ми се вртат поштомени вирје од неодгат речен. Не запева птица глас свој да одрече, дарена за тебе несмртна е смртта. Без угорен посак не би имал смисла допирот низ восхит на трепетот в ружа што во тебе одѕвон најдлабоко плиснал. Па какво ли време иднината грува сред закани стрвни низ светот што кружат? Неизод ме суми - треба да те чувам. XI Неизод ме суми - треба да те чувам од секаков подрек со мирис на темјан со знак на крстопат и боја на земја за урнисан трага јас да не ти губам: ко тишина меѓу водата и брегот како раздел меѓу окото и цветот ко ништожност меѓу пепелта и летот како топлината што ’рти во снегот. Денот во неистлеј низ нов ден се бели и подлабно крвта од својата рима роморот го ваби и од молк го дели. А твоите класја спотнати од свидам низ непрегор може само да ги имам или да отидам и пред да ги видам. XII Или да отидам и пред да ги видам сите туѓи лаги изврени од песок што при секој допир раснат со нов блесок како живи дарби двигот што ги ѕидал: над твојата кула од ковил и пелин над далните дувла од страва и пцости во прцлите твои од неброј нежности. Сал гувее в грцкот она што нè сели од грагорни ридја кај обденил болот во стракот од копнеж загнезден во сонот со понирот трпкав на дренот во долот. И еве нè повтор на знајните места се јадреат зад нас присутни во ѕвонот јужните ѕвезди со боја маслинеста. XIII Jужните ѕвезди со боја маслинеста на твоите клепки во насет ги плете пространство писано со очи на дете како чудни цвеќа иднина што вестат. Затоа збор чувај како можност ближна да се минат скали на упреци тајни. Нека да ги прогне мигот сите крајни отстапки во полза на тежеста движна. Заедно сме тука. Под врловит камен. Ти како бел рефрен ме огреваш мене јас те гушкам тебе. В преѓа топиш пламен од занеси летни по чиј ткаеж минам синоличка заврз со ботеј да крене, а сум тука кај што и треба да бидам. XIV A сум тука кај што и треба да бидам жуберливо жугнат во родните струи во исконот пластен радост што ни буи одрода ни нема в преград два сме рида. Неутешно бараш поднова за жедта со нанизи цветни вивнати до небо, нè вистинат стапки посушти од лебот од сè што низ извив ја гордее гледта. Скиталени в судба, аскети по крвта гневот ни е голем пред закани, лаги исправени векум од самоти врвта отпуштаме мисла незапир да дрочи и со неа дури чезнат сите таги јасновидна ѕвезда ми затвора очи. МАГИСТРАЛ Јасновидна ѕвезда ми затвора очи А нејната тајна во мене се скрила Серафими биле кај што вознес била И ставата твоја светлина што точи. Ме краде збор сетен во сонот твој убав А ти си ми мајка и сестра и жена, Крени се над болот ко бранлива пена Еднаш барем в преград цела да те љубам. Диплена од века сред празнина глува Останува трајна верна љубов в песна Неизод ме суми - треба да те чувам Или да отидам и пред да ги видам Jужните ѕвезди со боја маслинеста, A сум тука кај што и треба да бидам. ВРУТОК НА УТОКА Кирилу Солунски Многу мрак се беше собрал над народите кога ко река им го отнавте молкот покажувајќи им го денот сè понапред со божилакот на словото што сончоглед би И кога со широчината на знакот моќен и со бескрајот на волјата стасавте тука преку ридои и пизма до светиот град врутокот верба а умората сон ги вивна пресуши телото љубовта ја прибра брат од брат желбата горешта златно провре век низ запалените звуци што продолжија како деца по крстопатите на словенското човекољубие Гледам зимски ноќи летни пладниња гледам зборови во нови соѕвездија над неукоста од Солунско до Моравско, од Панонско до зад Карпатите мудро здравее окото во облик на отворена книга Располутен а сепак искрено допрен светот над зракот скаменет во траењето свое нашите очи во дално цутење ги претвора со многу залез и многу изгреви наоколу Го умам гробов што утока ти слеал во тек Поворка. Молебен. Пламенот ти изнајдува пат во самотата храбро што ја разјадува цвеќе и меѓу нас ја праќа како плод, како разбирање СВЕТИ КЛИМЕНТ По многу патја и патила со милост божја и проповед Тој дојде меѓу своите носејќи дарој и дарби да го покрене сводот и патот на својот род Ни шепна расчитание на трага света кирилска блажена мисла до занес ни посеа в срца невежи и слово Негово вознесено би И крена бран од езеро раскина мрак со глас што излета највисоко ко мудро просветление од Охрида до Киева над широкото словенство Ене го и сега кај бдее над сонот наш – слеан со зракот на мудрото чело и нови житија пишува над небесното кандило од кое целее нашето битие Згрнати во твојот показ насевај бескрај, ѕвезди јадри со духот вечен – Пастире брате ПЛАМЕН ВО КАМЕНОТ (Монолог) На Пулевски Нека грее таа бразда што ме споменува во муграва од најстамен воздив раскрилена постои сал еден камен под кој коренува сонот, трагата ни од времето опиена. Не се дели туку в мисла како да здивнува тежината задоцнета од пребол немерна, небооко ме открива, потем се вивнува над скапците во песната светла и чемерна. Гласно сами во планина, дома осамени, од потајни чувства свои сами подгонети се гледаме зачудени кога нè пламени молитвата на истрајот в желбите сронети. Не снегови а бигорни грутки в зениците се таложат, назреваат како откритие со обденот - неизречлив зарек на птиците ни почива в длабочина зборот ко житие. СТАПКИ (Исповед) На Партение Зографски Стапка по стапка сите стасавме тука кајшто убавината нема каде понатаму и копнеж повисок нема Со мисла и срце видовме подалеку кај гине темното како во длабока бездна пред светлината божја И уште чувме како глаголи силно под палатине камени восхитот што не може од својата да се сочува коба Ништо не преценивме за да нè заслепи сонот пред кој чисто јазикот на будењето за сите дарови има Во нежен допир со родот наедрен се кинеше тишината и полека но сигурно врз очите ни капеше полнота Со нас оживеа пепелта на предците која го натпева времето во кое не исчезнува ниеден бол неразбран ниту пак трага човечка СЕРДАРСКА На Прличев Има многу нешта што ја тиранствуваат свеста и телото и душата ги соголуваат до дното, љубовта намерно ја селат во брложен честак над сетен миг да зацари пајажина и потон, креваат брани, крепости од секаков привид за да го поматат изгревот, ближната следа што ги вкрстува потребите, сетилата живи кревајќи се во падот сетне за уште една педа. Оти има скришни нешта посилни и од сонот што храбреат како вруток, како жарни капки сред тегобата општа повисока од тронот на ветениот престиж, на глувите стапки што никој не ги декса во овој наш вилает кому толку пирински му натежнува одот, а вардарски чисто му се открива текот и егејски чудно сеќава како: тука е, мила е калинковата усна што ни го братими векот. Само така пронајдени стигнуваме и до целта каде несон и знак меѓен во крвта ми ѕунат пределите насетени пред далгите што ја пелтат вистината за музата, делбата од својта круна и пак со нив ноќописот-светлописот на животот ко богатство напластено што е твое и ничие и во кое исчезнува присутноста на сивото кога сиот ме исправа пред твоето величие. СКАСКА Во спомен на Цепенков Со што си ги изодврзал корењата стари низ ноќните разговори во тебе што течат, полињата и реките, чивитните тајни молчењето прекумерно свое да го речат. Сторенија од дамнина капат како ружи и одново болснуваат под нашите стреи, врз соништа студен бигор темеруто тежи како скаска неизбежна споменот нè греи. А сонцето завртено со ведрина чедна во окото зад зрцало изворот го крие, долговечно запаметен во страсниот излив иде до нас со вечноста в душа што ни рие. МИСИРКОВ Дојде како јасник моќен што се чека и сонува за да ни ги покаже мудро и чисто убавите созвучја на јазикот слеани ко богатство наше кое треба да го негуваме по кое треба да се разликуваме Го научи копнежот да трепери на својот извор, во своето соѕвездие и затоа толку ни е чист показот кон битната точка што не допушта да го заборавиме своето сопствено гледиште како патоводна ѕвезда Проговори јасно и недвосмислено за нашите македонцки работи од кои надоаѓа устремот за да ја гледаме реката убаво упатена од изворот кон морето и познавајќи ја доволно да ѝ ги чуваме текот и утоката Нè исполни со самопочит за да ни биде светло одвнатре кога слегуваме длабоко во коренот во битието свое и на светот внесени низ ткаежот што одекнува дури разбојот ни ги огрева спомените и одново високо зракот ни го крева Сега зборот жеден самиот ита кон зорнини, кон негови питомини и стига намерник некој да го сети и пресретне јадровит за да сведочи и да раскажува за тоа шчо направифме и шчо требит да направиме за однапред! ПОЕТОВАТА ПРЕГРАТКА На Блаже Конески Зимата сè уште не стигнала а зимското утро е веќе тука Свиено ко кутре на последната страница во последната песна на големиот мајстор Во неа се гледа како полека раката го ловела недостижниот порив срцето на зборовите како отчукува со јасност непореклива и завештание Иако пишувана во преклона доба бранување мудро и сила неимоверна го пронижала поетовиот ракопис за да го пресели во нашите соништа И сега без него ја имаме неа соѕвездие збрано во темни корици може и душата ја имала истата боја кога болот го слекувала штедро во песните Тука се тие – живите зборови стебла извишени, отнати извори и стига да им го чуваме посланието упатено ко светлина за идниот подвиг ИЗВОРОТ И ЗБОРОТ На Ацо Шопов Влегов во непрегледната шума и изреков Збор редок Зборот започна да оди И камења расфрлани видов меѓу дрвјата огромни и тие со мене зачекорија Подолу под непроѕирните стебла зажубори извор пречист како да потече од моето тело Неуморно стремејќи напред тој запали таен оган во мојата крв заробен Зборот се изви од него како младо стебло што да ги надвиши другите сака Сонцето и сега и секогаш таму со ѕун се огледува за да го брише темното во болот Од изворот севезден до мене биднина се пласти врз коренот и пат за неразмин се отвора Со лирата што ме пронижува пак те сонив во Зборот севидлив кој зацарил во моето срце А СТЕБЛОТО, А ИСТОРИЈАТА На Анте Поповски Сè се пресоздава во светлина кога на коренот вечност му жугаме и тој расте без да го сетиме од стебленце во стебло високо кому љубов му е неопходна и навремен прочит на писмото што нам ни го пишува рстејќи преку лисје, гранки и плодови Од земјата гледа праугоре кон небото чуда што ни вести та затоа толку мудрост збрало и сомнежи толку многу има во очите со ѕвезди преполни кога наша става во него мериме и никогаш неа да ја измериме дури го крадеме времето негово Само на сонцето тоа завист крева на птиците им го јадрее копнежот а пак за нас готви јаросна одмазда доколку на него секира кренеме А така е исто и со зборовите на кои сме им исполински верни кога ги населуваш во твоите песни ни враќаат верба за нас освоена Од нив на сет глас истовремено стеблото на животот нè предупредува дека треба да се продолжи можењето за разбир на стеблото на историјата со многу изгреви и залези во годовите со патје минати за појдини и недојдини низ кои е развеан многу занес и надеж е сочувана за поколенија Зрее сегашноста во нивните крошни ги отвора едрата кон нови возбуди и секој миг дури тие ни шепотат минливоста во траење да ја престориме ние знаеме како сон да им чуваме пред зловетрието глава да кренеме а на птицата од убавината летната дом свој ширум да ѝ отвориме ТЕМЕЛ АХАСФЕР Ќе мине и овде, ќе мине сега, без да го сфатат, без да нè види, и лага ќе е, и пак ќе бега, без да го фатат, без да се смири. Ме боли тоа изгнанство лудо, вишум ме крева тој огнен стожер, ни глас го држи, ни гнев на студот, што престап сторил еј чуден боже? Утро го краде во умот негов, без него во нас се буди денот, ко живо сребро стои на брегов од мртви луни, светлосна мено. Попусто сите го чекавме тука, крај прагот низ кој можеше да влезе, не сетивме кога почна да пука, та ничкум паднавме зад адско резе. СЕРДАРСКИ БОЛЕСТИ Мое гордо богатсво, изгнанство, моја храбра слабост тоа е сè што имам жедно закопано во зборот, ме синее, ме златее, ми остава празна младост меѓу пустошните, меѓу раскошните, верно преки величја расрдени – постојбини горкореки. Ве имам ли толку мили сонот со вас да се ребри по она што пак си оди нешто ново да донесе, посестрими осланети во сомнежот што го сребри сред неспокој растот вишен и со него толку светот да го сфати својот повтеж и тагата своја клета. Ме чувате, ме терате да ја мерам сета омал на времето што папсува од својата верна сенка само со вас се чувствувам везден најсвој, везден дома понекогаш и загрижен за туѓо ли, за блиско ли препознаен со сè свое од дамнина, од искони. И смогнувам да ве речам, но дал ќе ве и излечам најпотребни во мигови кога бегаш од немоќта да се видиш над пепелта, да ја сетиш неодречна тежината на љубовта, подножјето на доблеста и срцето на ѕвездата во душата на болеста. ИЗВОР “Постои нешто што не поднесува ѕид” Р. Фрост Безопасноста лесно продира в срце со радоста и колку сме поблиску до светлоста потемен ни е денот ништо слично не се обновува во непостојаноста како звукот што го совладуваш и што те крева од скожурената тишина во безутешната врева. Растеш од осаменоста, од својот копнеж и порив смело на светот да му го покажеш опитот стекнат дека во ранливоста на земјата корито тешко се длаби и триж потешко својата родилна рана се лечи низ која сакајќи да си сам ти постануваш сечиј. Па сепак остани моќен до крајот на играта – сомнеж разумно распореди ја силата за она што би смеел да го престориш, да го оживееш кога ќе те спомне тој љубим воздив, откос, спржен ко летно снопје од толку нестрпливост очекувајќи го твоето копје. И ако непризнат го изодиш противречниот беспат на сите непредвидливи промени, на жедта огромна во твојата непозната внатрешност пак ќе се лепат до пристанишните кавги на велеградот туѓен шумите на храброста разградени во сите луѓе. Тогаш сети ги клисурите близоста што ти ја кријат сурите карпи, ветрот кога немилосрдно те шиба водите на немирот проказноста штом ти ја мијат и повтор начуј го времето во кое запишано своја стои вербата дека реките со тебе текот го кројат. Најпосле скогаш постои нешто како узната желба вештачки да те загради и одскраја да те следи, но независен од севолјата лична на можната делба те имам упорно надојден со неизречности што ламтат ист онаков каков што само јас сакам да те памтам. ТЕМЕЛ Секој од нас повтел да ископа темел живеејќи опколен од некој грч јалов, но над секој темел не запира време и не расте кула ниту царство мало. Над секој темел не се става греда, лош е знакот што нè препознава неми, нескротливо зад нас ноќите нè следат темелот е за нив само земен премин. Над секој темел не се крева плоча, зачната во стравот таа ќе си лебди ко нестварна желба предци што ја кочат да закрепне става за ветени средби. Зла коб ли нè влече кон копање вечно во нашата душа, по ѕидниот оган и која ли сила в страдањето дречно нè прави посилни од блефот кон бога? Тоа ќе е сепак разбојничка несит сред шумната дивост да се најдат места за голиот престап срце што ни беси на темелот во нас израстен без престан. Одеднаш си светлост од која се сјагни молитвено небо, лански студ и пламен, се брануваш неред на неразбран јазик и назад се враќаш сиот од жив камен. Уште не си сетил ни дамар ни самар отсекаде длабиш дотечуваш смело, мигот сал го чекаш да ја сретнеш сама привлечната ѕверка во нашето тело. Изедначен потем со сè што е мое се креваш од правта на ноќниот распад, неурнат а појак претскажуваш свое невреме и време од исток до запад. ДОДЕКА ТЕ ЅИДАМ Тебе вишна куло на благовестните соништа Тебе измаглино меѓу две прастари гнезда, Тебе наездо, слатка болко на беспатните ридишта, Тајна симетријо од една до друга ѕвезда Тебе сакан ѕверу што нема никогаш да го видам никој не смее ништо да ти одземе ниту додаде - сè додека јас те ѕидам. Свртена страно над мојата мрачна страна не знае зракот кога во тебе зајдува ноќта Ти ме напаѓаш јас не знам пред тебе да се бранам сè дури од врвот не ти пропеат славата и моќта Моите стапки се твоите пет невидливи ѕида што ни кон небо те креваат ни на земја те држат - сè додека јас те ѕидам. Обновен твојот ѕвон во гласот мој ме вика Освен во непостојаноста да те откривам јас друго не знам Над твојот свод чезне мојата замислена слика Не знаеш веќе кој сум оти пред нас се отвора бездна во која морето останува без магнет а јас нема да бидам до тебе оти нашите сенки паѓаат во иста точка - сè додека јас те ѕидам. Светот го заборава вечниот сон на лудата магла Нем и голем кога те соблекувам, кога ти судам Помеѓу тебе и песната се троши моќта на загадочната багра со која го премачкувам утрото додека те будам Ти беше тајна потпора на моите мисли, каријатида, над која облакот мрзне, летото се претвора во зима - сè додека јас те ѕидам. Ти си тој среќен војник што детето го носи во крвта тој темен дворец, таа во битка преполовена коњица ти си тој сејмен што ме брани, гулаб во сонот што ми првта тој заграб земја, умирање на денот, таа слатка несоница Скелињата ти се рушат кога отспротива ти идам немир се сели во цветот, гулабот го губи летот - сè додека јас те ѕидам. Крени се куло пуста останала да би Не си ти прва што својот мајстор го земаш ниту последна дури ги остриш своите камени заби над варосаното време в најдочек што ќе го немаш Ќе те поплочам болен со кралството на крал Мидас и не ќе бидеш она што нема никогаш да бидеш - сè додека јас те ѕидам. Врати ми барем малку од она што ти го давам од таа нестварност кобна на врвот од твојот колец Ти ме предаваш онаму каде што јас те славам а твојот темел го гризе временски молец сепак постои земја во која на три рида ги сонуваш твоите ѕвона а на четвртиот ги гледаш - сè додека јас те ѕидам. Сè додека јас те ѕидам никогаш не ќе те видам оти твојата празнина севезден душа ми глода Па попусто е горејќи да копнеам или да ридам Ти си единствената причина неродените да се родат и одложените нежности одеднаш да се збиднат, а болните во тебе да заборават на својата болест - сè додека јас те ѕидам. ПОПАТНО ЗА ВОДАТА И ВОЗДУХОТ На Биле Го чуваш ли тоа море, таа нежност во прстите и паѓа ли уште силно неспокојот на ноќите врз твоите верни очи, врз водата во грстите што ја трошиш неразумно на моето морно чело ти простанство откриено, невидело – бело, бело. Глеј минува литијата низ плач земен неправеден а зад неа се наѕира спокој, насмев и прегратка, исправена отклучуваш во сравот ми, јас наведен пребарувам годиништа расеани као трски над надежи неопходни, над ненужни кавги дрски. Понекогаш помислувам како можеш по сенката да ми читаш во срцето, да ми риеш во паметта и никогаш невидена да ја раѓаш семенката на грижите градски, свои, на облакот што не знае невистина да изусти, да го збере светот таен. Слези долу и потони во својата историја, како лаѓа кога тоне со целата своја љубов, не прашувај за животот, едноставно изгори ја границата на смислата над изворот што се ниша само така ќе сме сами и слободно ќе нè дишат. По толкуте лета празни по селата огрдени не остана многу стамност за повторно видување, сал ко ѕвере ненавидно низ деришта отврдени си се шета духот скриен во тешките празни глави и продира отсекаде да нè најде и удави. ТРЕПЕТ Бел кладенец во душа ми шуми тајум ветрот везе тажна лика, во пределот што зборот го суми ко жив мерак севезден ме вика. Го откупив сиот земен блесок да ти зготвам руво да те имам: во радоста – стапка во рид песок, во тагата – пладне среде зима. И така го кроев мојот помин да ми биде потраен од слана, но вербата самиот ја згромив па од себе морам да се бранам. На усните во копнежот ветен остануваш да сведочиш смело дака сретнат како свое дете најсетен си во своето дело. Неизмамен и незбиднат силум огрејуваш нечекано скрито, отпретуваш запретуваш милум стари жарој в срце игралито. ПОКАЗ На ќерка ми Еве ме пред она што ми се отвора како слика на нешто толку блиско на нешто толку скапо, ме влече ко сетено траење и чудесно блика некој таен говор плавно истурен низ слапот со она чувство разбудено од молежниот поплак на малото усте, на вистината жива и топла. Еве ме пред зборот слободен од неговиот оков и морам светло да го замислам клучарот на страста оти може да ти ја урниса вербата во рокот на таа илузија двосмислености што ја пластат по огреаниот премин во топлиот мајчин преграб, до таа млечна музика, до тие светлосни едра. Тука сум до тебе ненужен по големата игра што зависи од знаците на отворениот немир да те заштитам од лакомиот и подгонет тигар на времето кое бегајќи слепо најчесто в земи ја крие својата недоумица сакрално чиста, како подмолната кршост на проверениот кристал. Голем е обидот да се разбере свелоста ветва во она ново раѓање на зракот од својот оган, нема замена за крошната во која како жетва паѓа мојата љубов, па ти ќе сфатиш дури тогаш дака смислата се движи најпрво фатена од она што ја тера на незаменлива промена во нас. РАСТ Влегуваш потајно во крвта наша со сите ридје и рамнини во нас, а не стигнав ниту барем да те прашам колку очи сокри кога ти ја спомнав несличноста твоја со празните полја породни од мисла, побели од молња. За стражар те зедов над мојата зора, над мојата куќа, над пепелта моја те разжести тогаш полноќната мора, а будните класја ти открија боја на насетен прелет, на исконски жубор повисок од пладне, потежок од љубов. Ветеното лице го чуваме в корен многуткаен стана патот што нè крена во нужната судба – татковина сторен нè израмни в бојот жилавата вена жртвената стапка од гневот на векот пободер од несон, потраен од чекор. Искачени сега со сигурнос нова од првата срана на нашиот живот именливи ни се раните што пловат до мостот на трајот, до текот на сливот на растежот нужен во самите себе поверен од оган, подлабок од време. ПИСМО На син ми Баботи силно бодина незапирно занесот на зборовите Под нивниот оган дали ќе ги згонам вистинските, новите Не си сам, си велам тоа во нив цела се слеала светлината Тајната на листот го открива чисто сонот на белината Под нејзиното длето неделив е светот со надеж потсилена Ѝ го слушам гласот што го ловам в часот на верба раскрилена Бојата и стихот ни го вабат ликот без трошка прекорување Нека струи силен синко ѕвездовилен жарот за другарување СКАЛА Има едно ачик место од кое да леташ можеш над празнина, над воздишки над зелени воѓе стројни таму можеш сам да бидеш со своето скапо детство на раните отворени редок мелем да им ставиш и времето заитано да го одбраниш од нави Ко укален по животот ме обзеде еве моќно утринава гласот таен да се најдам пак на Скала до незасит од високо да му довикнам на веков потсет в глава да им суми на моите галичани срца дома да приберат кај и да се отидени Посакувам легендата за чекорот Марков Крале од овдека па до Крчин, од изгрева до бескраја над присои вододелни и врвови огнострелни векутума да живее, говор сакан да ни дрочи на софрите бериќетни стаен бигор да расточи Па небаре пред чуденка тивок ветрец ме подувна го згрнувам лекум патот во стрмната спила вдлабен со меката измаглина над Радика, по клисура и повторно се прашувам: у човека кај тој порив во себеси да слегува и пак да се искачува И узнавам дека само силината на животот ни го враќа земеното, нè искрева над бездната и погледот го јаснее пред тешкиот чекор следен по скалата без скалила сал со божја убавина од која се пресоздава и нашето постоење СНЕГОВИ Се наѕира везирното небо над Бистра, северецот ги крепне своите крилја готов за секоја изненада, за секое прво и стото стрвно јурнување на кусовечниот кристал. Во високата самотност лебдеат бели окца небара живи суштества ја ѕидаат бавно смислата што исчезнува зрнесто и стравно на селската софра, закитена со печал и солца. Одеднаш телото мое го гледам како лежи сред намети од молк и белина од помин, длаби биднината што никој не ќе ја здоми над мојата распространетост и камено тежи. Нагровнува во душата видување студно на еднаш скриената и пак пронајдена врата и сеедно ѝ е на смртта што абер ќе пратат непознатите печалбари на чекањето будно. Снеможен веќе белата наметка ме гони од земјата – заборавен паталец во сонот, се отвора како за глетка непоминлив понор во него снежни каравани и јас со нив. КАПАВИЦИ Назорум си капат претпазливо и тромо како престапните години во нашиот живот, никому толку не му е непостојан домот и толку не му е летото далечно и сиво. Во нивната загриженост заблудите горат затворете ја шегата што ја тераат и пазат, и чуј те колку е тешка двосмислената мора на тоа постојано женско напред – назад. Облакот им ја потхранува надежта и раснат чиниш в недопир доаѓа водотек од чудо што тоне во билното месо пред да згаснат рацете на денот, крвта на гласењето лудо. Не по олук а по искреноста своја минат зелената гордост на покривот да ја спалат, на опашот им преспива расчекорот скинат од звучните божила в потон што ме галат. Нема им е отстапката пред мечот на видот, низ силата бигорна глуво страдање гривее лебдеат последните капки ко ѕвона на ридот оти кај што не се умира таму и не се живее. ПЕСНО МОЈА Песно моја пркосна и тажна знае ли ноќта кај почнува денот, кај се крие таа нестварна и лажна поворка од лелеци што трае во дренот. Знае ли болката кај ѝ е крајот, ѕверот знае ли морето кај спие, знае ли осојот кај го губи сјајот, кај лутам јас додека ти се криеш? Паѓањето мое кај ли ќе ме смести, светлопису таен што ме крадеш мене, над темното небо нов зенит се вести разорена булка над гради ми вене. Цвет за цветот нема што да рече. Заробени двата чекориме в круг пред времето лажниот говор што го сече до крајот ќе патуваме еден до друг. ПУЛИГОРА Зелена пустино без повраток и надеж Од ова место каде неизбежно горам Штом те изговорам видот ми го крадеш А ликот го најдувам на твојата кора Пресликан со новопронајдена боја Зелена пустино без повраток и надеж Словото е измислено во твојот корен И темјанов мирис ти го краси тронот Кај да соѕидам олтар за гревот мој сторен Што неповторливо го боледувам сонот Во пределот каде скаменето стојам Словото е измислено во твојот корен Во твојот заговор својот спас го гледам Од мојот ракопис од кој везден бегам И сите верувања на твојот врв бледат А челниот прстен сè повеќе ме стега Да те рецитирам во секоја зора Во твојот заговор својот спас го гледам Вечноста не е далеку од заборавот што цвета Во твојот преград каде утешна рима барам За празната верба во зборот дамна летнат Од мојата смртност што ме прави скаран Со твоето свето име Пулигора Вечноста не е далеку од заборавот што цвета КАМЕНО ОГЛЕДАЛО Запалена долино под мојата ѕвезда Кој ли вечерва на судни маки ме става Жив да се видам како над празнина ездам Дури некој со стрела ми пробива глава Запалена долино под мојата ѕвезда Моја празнична песно мое будно око Свртено околу својата замислена точка Пијан стојам загледан како ѕвезден сокол Онаму откаде веќе вистински сум почнал Моја празнична песно мое будно око Сè се препева но не може да се мени Одземена убавината таен фитил чува Тој алем во тебе вечно што ме плени Ме враќа ко лебед над висина глува Сè се препева но не може да се мени Тука чезнат сите заблуди и буни Против сè што е измислено и што сјае Тука почнува тој звук од магични сруни Што во нас продолжува и секогаш трае Тука чезнат сите заблуди и буни Пред твоето слепило говорот се двои Па страв чуден и трепет низ ’рбет ми мине А втренчено сонце друго сонце дои И разбеснет ужас со ужас се кине Пред твоето слепило говорот се двои Надоаѓа море сред време што бучи Во кое сум иднина со минато што се бори Во одбрана на сè што кристално звучи Како предисторија над бездна што гори Надоаѓа море сред време што бучи АРАБЕСКА “Ружи, ружи без име; Вие сте повистински од своето име…” Ален Боске Сè што постои совршенство сака и мигновен блесок безмерно го восхитува, за потоа сето да потоне в мрака и самото себе да се преиспитува. А некогаш падот помалку боли и кога од бездна ко спомен се буди, од сонуван врв што в очи ни гори и на дофат в потај ко нимбус се нуди. Кај постои мечот излишна е солза, за нашата нејасност што нè мачи често голиот прекар нема многу полза ако зборот не е ставен на вистинско место. Оставен сам крај пат во беспат што води загледан копнеам за родната бреза, и знам, не можам од крв што се плоди, од оваа кожа во друга да влезам. Сè што било в превез заборав го скрива, а она што иде отсјај ткае блескав во кого осамен секој свој лик си открива сред чудесна флора затворен во арабеска. ЗБОР И ЉУБОВ Како ѕвезден бардак ко копринен засен слегуваше в мене легнатиот талог, наснежен во сонот, урекнат ем спасен не го видов крајот на смртниот галоп. Ослободен молкот ме тера да шетам меѓу невид грешен в непрочитан разден. Дали ќе нè вратат на знајните места, бела љубов моја, коњанику сразен? Го раздиплив мракот со твоето длето, прелетав низ плодот на штирото стебло, оттаму го видов непрепознат светов како пловна лузна под твоето ребро. Отпосле го фрлив ветерното расо: расколебан фати во мене да ѕемне кафезот на денот, бакнежот на спасот; Сега веќе не знам кој во кого демне. НЕМА ВРАЌАЊЕ ВО ПРЕДЕЛОТ ПУСТ, МАЛЕЧКА МОЈА Нема враќање во пределот пуст, малечка моја, и копнежна е секоја средба што се чека; На твојот ѓерѓев останува една започната боја што во мене продолжува и злокобно пека. Велат, ги сакаш ситните ѕвезди, малечка моја, знај потаму од тоа и нема вистинска песна; Ти, што за мене постоиш измислена уште од Троја, ме пленуваш како мирис, ко прелага зловеста. Во тебе почнува секоја тајна, малечка моја, што како нова болест во светот се шири; Со што да те споредам, што да прекројам, верба за да ти врати, гласот да ти го смири. Го молам огнот да не те заборави, малечка моја, ќе го разбудам тој дел што уште во тебе спие, дури над твојот сон будни војници ти стојат, знам: сè што наизглед мами бескрајна бездна крие. Чуј го уште ова и сè заборави малечка моја, зад ридовите се таат сенките на нашите лица, и барајќи љубов на една уште несетена боја најдуваат пристан во срцето на ранетата птица. ЛАУРА Врз усни ти длаби капка медовина во очи ти гори оган недосеглив; Безгрешна а грешна сè земаш на подбив казно божествена, мудра ѕвездо сина. Да кобам ли време глас што ќе ми прати дака не си смртна о седефна Жено? Во недофат раснеш моја морска пено дури лудо чекам пред твоите врати. Биди тоа што си: сон на секој поет ти што сама дел си од проклетство свое. Ничкум паднат молчам пред твојата барка. Без тебе е пусто. В дамар немир тече. Остани цвет – вител на недотек речен таму кај те виде првпат и Петрарка. НИРВАНА Мојот блажен умор на дишење личи која ли жед овде ме донесе сега, па срцето како заборавен пес квичи пред бранувањето во занес што бега. И најкревкиот збор бара свое небо и возвишен спокој в семирот што бдее; Сè што е блажено потсетува на лебот, а последен понор во мраморот пее. Никој не ќе знае колку двата сами цел век го баравме звукот што се крие во обични нешта и колку нè мами тајната што се знае додека се спие. ПОЛАРНА ЅВЕЗДА Тука е живо сè што се споменува надмината ветлино, збору одречен; Тука сè е време што се коренува со второто име на болот неречен. Бдеј сама и чедна над крајот прозрачен, таа белина низ сон бура открива; Во просторот смислен и тајно помрачен љубовта и смртта ист шал ги сокрива. Заведена водата без спас одлета, празно сеќавање огнот што те храни; Го прекина мракот и како комета летна од песната мене да ме браниш. БАЈКА На Јеjтс Спиј си мала бајко што сама својот почеток го знаеш. Мртвите се мртви, братот не го знае веќе својот брат. Не почнувај го својот живот за потоа да се каеш, оти крајот секогаш ќе ти остане осакатен и непознат. Во мојата колиба во која ланскиот снег се топи, осојот и присојот се сменуваат како осека и плима, а една жена сметана за блудница,со својата цитра ги опи „синовите на сите мајки“ и секој ѝ даваше тоа што има. Миг е јажарот на својот врат да го проба своето јаже. Тој што во мноштвото докази го барал својот доказ дака не постоел само за себе, не лажел и нема да лаже, оставајќи ја врзана пред светот својата душа на показ. Во школката ли, во убавината што се гледа да те барам; моја праисторијо, подбивно насмевната жено, замислена мајко; каде е тоа што го изгубивме при нашиот избор и што нè скара со самите себе, со нашето време, со твојот крај моја бајко. ЦВЕЌАРНИЦА Тие живи водоскоци ни будат блискост потоната во излогот скриен под намиг на еден случаен пламтеж наведнат ниско во нашата гола смртност дури сме сами. Цвеќата горат си велам, во нас се селат, пожарот, одеднаш наоколу е продорен, речи како можеш пустошна ем бела да се стопиш в мигот што со тебе горд е? Надвор е тмурно. Само во нас уште тлеат малите деца од бои, довикот згрчен по одлетаните спомени што нè греат во барањето смисла пред излогот срчен. Во нив убаво татне искрата на спасот, секогаш одново мислите ни ги жарат за да можат моќно да го прелажат гласот на есента легната во зависта стара. И пред очи мигум ни севнува бескрај долго разложуван и предано чуван, молкома нè длаби, ни открива песна во квечерта тмурна и немушто глува. ПРАЗЕН ДУЌАН На крај сокак празна куќа празен живот, празен дуќан; мисла празна, празно небо празен целув и за лебот. Да се најдам в дуќан сакав а сал сретнав празен плакат, три – четири празни ваги и прелаги, празни траги. Наоколу простор празен тежок воздух неразгазен, празен шепот, празна маја рапав чкрипеж и промаја. Веќе немав што да барам залутана буба мара чудна смисла в дуќан врати - сета празнина ја сфатив. ПТИЦА И ВРЕМЕ Тука ги криевме своите очи ти во ноќта јас во денот иден; Збор невидлив ножот свој го точи, што е денес утре не ќе биде. Кај и да си јас пак ќе те барам, бела птицо бел сон што ми даваш; Ти ранлива јас со светот скаран, над очите очи ти оставам. ПУШКАРНИЦА НА СОНОТ А постоеше додека постоев и јас, како светилник над напуштените боишта како невидлив војник што зад нас го ловеше плачот над селските гробишта. Беше граница кај што се стемнува секој предел во соседната држава, беше обзорница пред која се разденував болен од нејната видливост скржава. Влегував будноста да ти ја земам, да дознаам дали ја носиш мојата душа. Ти беше секаде но никогаш те немав се враќав оглувен и одвеќе скрушен. Ти беше како факир во заседа легнат како мегданџија, како лузна што се ниша, ти беше долгоочекувана веда и севезден некого чекаше на нишан. ЛЕТЕН САМРАК Никогаш толку светлосниот графит не понирал плавно во морната жега, а секогаш живо истечувал здрав и посилно во себе бегството го бегал. Гранките на стравот му правеа сенка потаму од темните меандри на светот, по челото му минеше отпретана тенка умора од премоќта на летното глето. Потамина времето во крвта му блеска замавот му гине во ноќниот оков, ништожност го фрла во очајна треска за пак да го крене престорен во сокол. Така и на прагот на кој сам ќе стапне ко таен светилник и прелага знајна со сета животна погубност ќе капне смисла на бескрајот во смислата крајна. НИШАН Загледан во светот околу себе одеднаш забележуваш некој постојано те набљудува ти зема мерка – нишани во твојата непостојаност Ти не можеш одблиску ликот да му го видиш да му ѕирнеш во зениците да му го чуеш гласот ставата да му ја измериш Сал го сеќаваш нишанот можниот истрел в плеќи можеби в глава, в срце кој трба да му стави точка на твоето намножено присуство А има многу нешта што те тераат на сомнеж одново и одново да се загледуваш во ѕвездите полазен од помисла за вознесение Ги сложуваш причините стварните и замислени побуди што би го повлекле прстот на чкрапецот за да ги израмни сметките меѓу болот и восхитот во душата На крај сам се охрабруваш ти да го земеш на нишан тој презрен натрапник на очајот кој место да мисли на љубовта те пронижал со мисли за смртта МАГЛА Колку ли само предачки одеднаш го одмотуваат твојот јаток јазикот на кој вие волчјиот накот скриен во пазувите твои, во превезот свиен над главите наши ко привиденија Во согласја со сопствената прелага ту го поземаш шумот на планинскиот брзак ту се креваш со гнев кон двери небесни жедно да го измамиш копнежот ледно изустен во забранетите зборови Се лепи врз мене неизвесноста жива ја возвишува есента на својот праг и расте сивото ко пронижано од глад тука кајшто пленејќи и лисје и карпи чука на портите од недопрената тишина Знам, осудена на чекање вечно љубовта ти помага да ја сочуваш страста за трагање по чудното единство на светот мошно во различјето на облиците твои трошно во одбраната од ненадејно исчезнување ОДДАЛЕКУ Можеби веќе не сме си потребни и затоа сè помалку ги сеќаваме подадените раце на залезите што гаснат во темното стебло на животот А имаше уште многу да си кажеме во распеаното претчувство на иднината во стопениот сомнеж на историјата што ги одбира украсите на нашите лица Задуман го кревам утрото троа повисоко за да му бидат подалеку искушенијата Немеат тука нашите отпишани години со чудна убавина што им ја насетува стравот на горкиот ветер самогласен И покудите и пофалбите нè следат насекаде сè дури еднаш тивко не исчезне хоризонтот и отсонуван не ни се врати домот со кого поблиску ќе ја препознаваме сенката на будењето, лисјето на заминот За миг ли требаше да отпатувам та да разберам колку смисла има твоето отсуство и колку е неизлечива нашата близина нашата навика на исправеност пред волчјата озабеност на времето на светот ТЕГОБНОСТ Сам си во собата и ништо не ти поаѓа од рака да го растресеш притаеното чувство на глува осама и рамнодушност Се вртиш беспомошно од аглите ѕирка чудна мирнотија и немост некоја в чудна ненавист што и на смртта би ѝ завидела Потем почнува нешто однатре да грбее потајно и да повлекува да повте на дофат на срцето ни да биде слушнато и препознаено Си поигрува лекум непознатото ја ваби бронзата на убавината: ту го призива занесот, ту го пламнува очајот на врв од денот кацнува тешка морница Одеднаш прозорец отвораш. Извикот сам ти летнува: О, зарем до светлината мора секогаш да се стигнува низ темната страна на болот изречен?! ДРВО НА КРИКОТ Не на колена убави мои Не глуви и неми пред заканата од расточување Не отежнувајте ги сопствените зборови и не очекувајте помош ничија да ве заштити Вие сте тука на своето свои И нема друго и нема потаму каде за отстапнина Оставете го дрвото на крикот нека ластари Трба да ни породи нови прелести КРИК Меѓу нас паѓаат плодови од некој далек допир нè прават свои кога ги напуштаме своите места, зрак прометејски со нив и вјасање без сопир кон некој притаен збор од кого зори се вестат. Небото в небеса без нас ги нурка своите прсти сал плодовите тајни сонот го расцветуваат мигум, врати ги сите богатства љубовта што ги брсти закрила да ни се моќна пред наездата што нè стига. Врз жар и роса равенство дните ставаат ново, тоа што ни го зеле триж појќе го имаме за свое, одново се вознесува секое дамнешно слово во кое извор жубори, знак сезнак по мерка скроен. Сега попусто никната сред утрините те барам ти си преполна од вознемиреност и од мил привид, ме плаши сè што би ме оддалечило, што ќе ме скара со ноќите во кои повеќе и од живите сме живи. СУДБАТА НА ОРФЕЈ Тоа на денот или на ноќта им заповедаш да не го менуваат своето место меѓу две отчукувања на твоето срце. Не му веруваш на писмото напишано во друго писмо. Во кој крај на небото ја шараш нашата душа, ти, што сонуваш подводна песна додека морето се повлекува пред месечевиот магнет. Кому ќе ја речеш неправдата што те боли во кое подземје од катрани и смоли? Полн детство и живот ти неа ја викаш, а пред себе гледаш разорена слика. Дрвјата распреле корења како коси од звук на харфа што в пазува ја носиш, ти, кој штом се сврте да ја видиш неа, виде како ноќта со неа се слеа. И нема да се сретнат вашите погледи како во лет два галеби, како два сончогледа, Хермес веќе слепа од светлост ја носи па попусто е неа вторпат да ја просиш. Те прецртувам со зелена боја онаму каде што постоеше како дополнување на невидливата страна на светот. ПРАГ 1 Те чував и не те дочував таа ноќ. А трепереа сите светлини што не можев да ги изговорам и родена беше билката што требаше да нè исцели. Некоја кротка измислица го расплакуваше сето небо над нашите испустени куќи и ние скришум остававме по еден студен запис во огреаните, но разјадени од самост, постели. Стигнавме колку сал да им мавнеме на отклучените сеќавања за големото селење од минатото во минливото време и пак нè сетивме кога во болна усвита се изедначивме со човечките сенки на ничкум пресечените тополи. Го чекав мигот бела виделина во душата да ми огрее, но ти беше украдена од мојот дел во тебе и јас веќе не те препознав. 2 Блажен да е часот кога го чекав лекото укажување на твојата става зад девствената наезда од изгубени изгори. Патуваше во мене топлина што не го познаваше летото, и сè околу во облик на звучна пустина небрежно тонеше. На врвот од одшуменото време изгубив боја на калемќар и немост горчелива ми го длабеше небидот. Распретан од безбожното огниште допре глас камено што заѕвечи. Не рече ни дал го плаши стравот од сопственото непознавање, ни дали му треба долго верување што ќе го лекува од ветви правови. И одеднаш кон нас се придвижи дното на сите поплочени калдрми, по кои како голо привидение скитаа нежните душички на бездомните. 3 Тука почнуваше патот неправилно и незаборавно повлечен меѓу жолчната самотност и здивот на тргичната суровост, и биен од дожд и ветер, од смелост и очај, и од недоразбирања, можеше да ни го врати спокојот и верувањето до колку повеќе ни ја откриваше нашата човечка едноставност. Одмотан беше котолецот на судбината и поколенија ја довикуваа огромната азбука на стравот и немирот во назреаното сомневање. Најстрашно беше де се поколебаш во трошноста и расипноста на времето, зашто остануваш сам против матицата со иконата на својата прокоба. Само некаде во далечина една млечна поплава како уварда ни ги запишуваше возбудливите датуми на раѓањето. 4 Ничкосани над древните бигори од товар на убави и заборавени обичаи, започнавме пресметка со темниот корен на рамнодушноста и со најизменичното распаѓање на светлината. Утајум нашето детство ѝ ги раскажуваше чудните приказни на ќерка ми, која убавееше самотно со отклучени видувања во сонот и бублена ѕвезда на челцето. Потамина си минуваа дни и ноќи меѓу прстите на нашето несовршенство. И една беше точката на раѓањето и паѓањето во просторот ишаран со свадби и задушници. Оддалеку сребрени рофји ги потрупуваа свирепите ритуали на страдањето. Во душите ни наѕираа голи пејзажи и еха на возбудени животни песочини. Немавме сили ни да го разбереме сето значење на чедното мосте инаетливо извиено на патот од ветените средби до сетените разделби. 5 Какогоде си минуваа болестите по народот и сал кротко ухање ни го зафати памтењето. Набарум мојата рака ја допираше тајната на свирепото камење и мирис на темјан и гороцвет го населуваше далниот повик. Кришум низ света дулбија ни се доближуваше дива недогледаност и бараше свој знак во нашите вени. Го предупредував твоето безгранично молитвење над кое заканувачки лудееше: од разбола – до раздела. И небаре проказни сенки го матеа бистрото око на планинскиот воздух кога узнавме какви семиња сме посеале во времето на нашето несогласување. Неприбран остана мирот и порокот што го изместија вистинскиот поредок на нашите идни години и твоето пречекорување стана веќе неможно. БУДНА КУЌА 1 Од неа секогаш големи очи го пречекуваат гостинот. Ништо не е прерано и непробдеано во нејзините одаи. Глас, поинаков од оние што ги познаваме, ни ја враќа довербата во животот и човечноста, тревожно разјадени од едноличното секојдневие. Вистина ни лебди на усните и збор пронајден кој крајот го претвора во бескрај. Отворено е сè и ние сеќаваме колку смисла има обичната топлина во ракувањето со стариот спомен. Назрева неизречен бол и гордост недостижна дека пак сме тука, лице в лице со својата воздишка што никој не може да ни ја отуѓи. 2 Конечно сфаќаме: полесно минува времето кога блесокот ќе нè позлати и кога насмевка го крепи темелот душата што ни ја воздига во сонот на неродените. Ги слушаме опасните подземни струи и тука сме како пред свој почеток. Се бришат незнајните далечини и сите наши игри слетуваат од врвот на покривот будејќи нов немир во крвта. Не сме осамени и груби, само подлабоко во нас одекнува копнежот што понирал како рана во тајна молитва. Слушаме крцкање на поцрнети греди и чкрипеж на стари предмети ѝ јадрее срце на празнината во која невидливо расте нашата куќа чии гости и господари сме истовремено. 3 Влезени со вистинските зборови ја одмавнуваме лудоста што ни ги пустоши водите, што ги труе шумите, ја темнее јасната синевина. Тука сме без илузии, загледани длабоко во себе, разборити и трезни. Го нема безумното вјасање, дарежливо нè заплиснува мирис на овошки и цвеќе. И стравот исчезнува. Сонцето влегува со нас и знаеме: темните облаци, маглите што минале крај нас, не смеат да го пречекорат прагот преку кој ни се полни саќето на изгубената љубов, радоста што ни го враќа раскуќениот пород. Не скаменет блесок, лажна метафизика на постоењето, а благост сеопфатна, будно ѕидање говор за идните столетија. 4 Тоа е нашето убаво лице врз кое се огледува секое движење секој посак да се измери времето, да се преуреди светот. Немаше споредба за јасникот надвор и храброста во нас која го наткрилуваше невидливото, раздиплувајќи го сонот над ставената софра, и сама Книгата на животот ги отвораше своите страници дури ги одделувавме и пак ги збиравме нашите свети занеси. Од памтивек во неа ни се повторува гласот што го храни нашето присуство, пробудата пред крилестиот подгон на глувата полноќ. Непотрошени беа патиштата да златното вистинољубие, со кое поблиску го сеќававме ѕвонот на планината и сеприсутни бликнуваа изворите на повторното растење. 5 Смеам да напишам: беше, и си. Те имам, едноставна да го прибереш нашето разлистено семе, да го запреш откорнувањето. Сè е во тебе: и правта и пепелта. И виното и крвта. Лудбата и смевот. Лебот и солта за пречек на свадбарите. Песната во која остануваат запаметени неразбраните близини, премостените далечини, животот еднаш случен и непрекинат. Средбите знајни и неостварени. Во тебе ништо, о Куќо на восхитот, дакрај не е завршено. Само вишната што полека старее заробена од твојот балкон, син ми што се подготвува да те наслика, ќерка ми и жена ми што ја знаат наизуст твојата песна и сите што се поистоветиле со тебе, ти го чуваат исконот во зениците, ти го богатат здравјето. Ништо нема да нè распамети за да изумиме на азбуката твоја, на требноста да ти го умиме разденот од било каква нараза и да те поткреваме троа полична и повисока... ВЕЌЕ НÈ ПОЗНАВААТ Уште не сме проговориле, а веќе нè познаваат. Има ли сепак време за мечтаење, толку потребно во миговите кога се препишува својот живот. Не беше доволно што ти говорев: Во песната како во сите опасни човечки измислици не се влегува без одобрение. Ти непозната музико, ти света слико, најблизок делу што нè надминуваш, ти подводна далечино на минливото срце, остани тука додека тоа му се додворува на умот. Секое повлекување можеше да ги отсели исплашените зборови во друго време, а нас непознати да нè насели сред мртви светлини. Бегавме од чистата алхемија за да ја спасиме нежноста на цветот, чие растење го управува молња. Нам ни е сеедно што ќе речат за нас, оти не задоцнивме на договореното место поради слепило, туку затоа што погршно сме ги навиле часовниците на страста. И така, колку повеќе зневме за себе, толку повеќе страдавме за светот. Водо, неверна водо, кога ќе дојде ден да ја проучувам твојата топлина, твоите затворени цветови ќе ги препознаат моите отворени зеници на твоето дно. ДВОРЕЊЕ НА ЗБОРОТ Тој лежи во пределот на своето молчење под обвивката на снегот што го чека Сонот му трае колку зорите немерни прегрнати во телото на сетената моќ Mинуваат деновите, гласовите, предметите пијанството што го раѓа никулецот на животот и гледам како во облик на човечка рака ваби море младост, радост нова преблеана Бесконечна му е гладта надежда што го крева здивен пред бурите во очите, со летот во срцето кога крвта му трепери како млада месечина Во тишина го заклучил сиот говор ништо веќе не му треба за дишење итај вели и барај ме зад вечноста ќе ме најдеш едноставен крај езеро Блиску можеш да го видиш кога сака да ти каже: патот трга в невозможност излижана е смислата нема ужас искрај в краја за пламенот во себеси И сидрото не го спушта во секое пристаниште премногу ги знае волшепствата на изворот она што однатре ја пали тежината на недочуваните планини во песната Тој лежи во пределот на своето молчење пријател што влегува вотебе, во мене го пали она што стинее по насмевот кога те обзел сосема а ти веќе не го гледаш ДАРОВИ Го сакам утрото, твоите зборови ги сакам плиснати како далга во срцето на мојот народ со милост божја и чисто провидение Го сакам пладнето, твоите прекори ги сакам во туѓото сеќавање што наоѓаат свој почеток извирајќи од врвот на нужното сомнение Го сакам самракот, твоите неспокои ги сакам со кои беспоштедно ми го откриваш светот кругот неизвесен и преполн искушение И ноќта ја сакам, потешка од реченица во која не е премолчена неправедната историја довикот неповторлив и вечен ко откровение Ја сакам полноќта, твоите таинства ги сакам заводливи од мека небеска топлина ѕвездата во нив будна за нашето спасение Го сакам, о време, и мојот дел во тебе говорот што им дава смисла на јавето и сонот и душа ни исполнува со восхит и вдахновение ПЕРГАМЕНТ Некој заборавил да напише песна Сал еден стих на него е зачнат: - Светот почнува во мене да тоне И покрај јасно речената мисла за тагата собрана в неговото срце замислувам што сакал човекот да рече Изделен е светот како бојно поле во кое тој ги оставил сите следи исполнети со музика, сомнежи и пелин Без чувство на вина го ботеел огнот сиот живот во семожна точка да надвие болна празнина го збирал Претчувството и татнежот в душа му биеле силно, ни двоума немал дури бабрел така поразот крај него И на крајот без да бара прошка опасноста подмолна ја сетил ги надмудрил вавилонските мајстори Парчето е сега во нашите раце го гледаме чудно потајниот врисок не го сумиме ли ќе нè свие и нас. ВРЗ КАДИФЕТО НА ОГНОТ Ја повлекувам мојата машкост за да им кажам на убавиците што набрекнале од неситост и зрелина дака ќе се потсобера плодникот ако не ги ослободиме навреме дизгините што усреќуваат и возвраќаат со љубов Треба да се заслужи чесната трепеза на која ги принесуваме вкусните плодови срдечно без зазор и без отпоздрав на разликите што занесно и без предрасуди ги прават горделиви припаднички на несоницата кога говорат за сонот По правило доцна забележуваме колку невозвратени чувства ни отишле пред да ги востановиме правилата на играта во која најчесто сме губитници и кога сме препознале читок ракопис врз новото кадифе на огнот ПАЛИМПСЕСТ Го барам тоа закопано азно што расте и се подава ко тајна вдлабена меѓу коски и ѕвезди од кои можеш да ослепеш, да онемееш Под секоја раскопка само сон и по некоја морија заборавена што ги наслушнува причините за враќање во својот прапочеток Не им верувам веќе на словата од кои шепоти стравот ненадеен дака можеле да останат напознати дака некој им го потрупал сеќавањето Но раката светло трага довикува та ноќ по ноќ редум отпластува под текстот нов, под чии редови и надежта така почнува да ’рти Сега тие до нас сами патуваат како заробени отаде времето ја земаат нужно трошноста на нишан мугри вестејќи во нивната куќа ПРЕСТАПНАТА ДВЕИЛЈАДИТА Наспроти многуте предупреди и претсказанија божји еве конечно ја дочекавме и двеилјадитата како завршеток на стариот и почеток на новиот милениум сеедно Живи и здрави и уште загледани во непознатото го напуштаме храбро крајот на векот што нè однесе толку далеку но и назад нè врати за да ги премавнеме границите кои не делат и отуѓуваат едни од други и со подадени раце кон сонцето ја надитруваме смртта Секогаш други а сега свои влегуваме длабоко во себе со слух изострен и вид бистар без одречување да го допреме нужното рамновесие меѓу земното и небесното и редок збор да изустиме што како мелем на рана ќе граби и ќе навира смисла нова од чистата убавина Очигледно, се тркала времето брзо минува низ векот човечки со сите радости, боли и неоли но, не знам дали тогаш или сега е полесно да се препознае гласот на спасот пред наорлените демони што светот сè уште во тајни завиен го демнат и грижи му товарат дури нè чека да го доразгатнеме И кој сега укор да прати да нè исцели од сторенија гршни да нè возљуби, прегрне и сфати со довикот што вести бранување но и враќање во хармонијата во праизворот на мајчинската насмевка која секогаш ни се чини нова затоа што сме ја заборавиле Гледам потонува во сон последниот трепнеж на морното око и под небата кобалтни умората нестрпливо го кине кожурецот на осамата ја уфрла воздишката во крупен план и повтор врз дланките подадени разлистува дрвото на историјата се буди големиот порив над бездните, во словата пречекливо памет в глава да ни збере ЉУБОВ Нешто ечи. Однатре силно ечи. Ги бои зелено нашите внатрешни гласови кои израснуваат во стебла, во мали соѕвездија плиснати штедро над бдеењата ноќни Ти со нив доаѓаш прекриена од звуци од нешто длабоко што ти ја ботее страста и ги умножува знаците на сомнежното време кое попрво го довикува Арес место мене Остави зборојте нека се преточат ко вино нека ја сетат силно светлината во крвта тежината сопствена и последната рана кога со занес тонам во твоето раскошно тело Така секоја секунда бидува подолга од вечност а моето чело пламени морници го лазат Ти повтор на времето му најдуваш сведок и почисто на морето му го враќаш сонот Сè во тебе разискрува од луди нежности светот прима прошка спасен од исчезнување замјата пресоздадена душата си ја отвора ширејќи здив до небото О, незаменлива судбо НАУК „Сфаќам, можно е повеќе да се сака...“ Јосиф Бродски Дури ги собираш во едно капките што жугаат убав несон и за други ти сфаќаш: можно е повеќе да се сака И дури полека се редат летата во кои на радоста си ѝ поткревал усни Ти сфаќаш: можно е повеќе да се сака И кога над студниот камен оставаш солзи врели за некој далечен а близок Ти сфаќаш: можно е повеќе да се сака Штом и на исконската верба крајот ќе ѝ прелие чаша со недофатност тајна Ти наук пак ќе праќаш: можно е повеќе да се сака ПОБЛИСКУ ДО ЉУБОВТА, ПОДАЛЕКУ ОД СМТРТТА „... гледаме како се смалува нашата смрт и како расте нашата љубов“ Е. Сангвинети Ништо не може да му се врати на огнот дури бранот нè носи како сонот леден Се тенчи нужното растојание; Текот обратно го поврзува распараното време Знакот на еднаквоста те одвраќа тајно во изобилство слики со благородност нова и ти почнуваш одново пак да ја славиш со трепет најубавата работа на светот Скапоцените зборови здогледуваат простор за ритам нов што го отфрла крајот глувата конечност од која смртта се храни за да ѝ отстапи место на присутната љубов Стонати во неа цел ден и ноќ цела го освојуваме она што кон себе нè враќа и не сеќаваме како полека другиот табор дел од нашата вечност за свој веќе го земал ПОСТОЈАТ ЧАСОВИ Постојат часови што сакаме да ни се повторат среќни часови што ни ја обновуваат сигурноста толку потребна за да се посее длабоко устремот кон високата цел на постоењето Постојат, значи часови што ги паметиме по бојата и мирисот, по говорот неистрошен часови што нè храбреат во намерата јасна да стасаме подалеку од првиот чекор Но постојат и часови што не би ги посакале часови исполнети со бол и очајание дека сме биле блиску а сепак далеку мошне од она што требало со смисла да го исполниме Во нив ништото кон нас ко бран се тркала едната рака поинаку ја бара другата рака гласот наш пораки нема кому да праќа јавето да го познае, крикот да му го стиши Сепак, секогаш исконот ни го открива ликот ни навирува благослов нам – вознемирените чеда во една целост го премолчува времето наше во кое чекаме и испраќаме по еден дел од себе ЗМИЈА Ја гледав долго, можеби предолго таа светлина под сурата карпа склопчена во диск во дива самотност што одвај чека да се вивне да го истури отровот во летниот припек Неоти невешта за движење го чека допирот, нагазот, пленот и бдее на штрек со крената глава кон сводот со исукано јазиче во воздухот дур да ја придвижи одново омајот сончев нејзината предаденост на земјата И време одбира за да ја преслече својата кошула везена претесна за ново милување на стравот наш во стравот нејзин изјазлен што ѝ претрчува од едното до другото око од првиот камен до најблиската грмушка Ја гледам сега под прагот куќен ме пречекува, ми буди возбуда таа немушта сестра на мудроста што се искрева кон мене како привсен од непознатото ме прегрнува околу вратот на невратот шија му свива и јас сеќавам исцел на раната што долго сум ја скривал ЧАСОТ ШТО СЕ ЧЕКА Потсилени од фалба, од укор или од уплав ги сечеме ѕидовите на сопствениот очај за да се смешаат во едно страстите и умот и стамно да се слее во единствена вертикала немирот на семињата во плодовите што зреат Ги затинаме процепите во пресрет на денот сите ѕирки под кората на уморната планета Отчукува на тревога часовникот ѕвезден та итаме како еден да распнеме нови едра со знак челен и свој компас пред непознатото И гледаме преобразен се отвора светот оживува лисјето свенато, песните заборавени за миг ја снемува прашината крената до небо јас ги гледам рибите нурнати во твојте зеници што го силат поривот за љубов, за постоење Трба да се проветрат душите, зачадените соби да се заборави стравот од непознатата болест од оној луд накот од секојдневното улиште во кое ездам грижно за да те пронајдам тебе друшке беспорочна во часот што се чека Во него напластени ќе екнат зборовите наши децата празнично што ни идат во пресрет преполни света верба во коренот и зракот за да воспостават мера, рамновесие нужно меѓу нашата трочност и вечноста безимена Вилнее по ливадите во очекување сега ветрот што ја наслушува загриженоста твоја трепери земјата, вилнее водата гледам се поткреваат гласови, дипли со божја милост и ние во нив згрнати со целиот свој имот КОШМАР Саноќ слушав гласови додека надвор врнеше дожд Се потев од некои насети за можен крај на здивот несигурен Некој ни ја следеше трагата подаваше рака исчадена да џбарне в срце Само неродените и ангелита не беа предупредени за последиците од нередот во сонот што демнеше стрвно отсекаде Се разбудив; пред мене нанижани во паничен страв: детството, младоста семејните обврски, немањето време ни за блиски ни за подалечни а камо ли за неспокоите сопствени И одеднаш: исчезна сеќавањето се намножија далечните зборови неречени во ниедна напишана песна И сè пак остана на своето место Сал есента со мокро шамивче ми мавна однадвор довикувајќи: ти, сепак, на другите им припаѓаш Разбери веќе еднаш НОЌНА МОРА Мори ноќна моро неуморна од зад колку мори долетуваш, кога светот морно во сон стонал колку огна мори отпретуваш? Мора да си моро неразбрана кога мораш морен да ме будиш или сакаш мори понастрана да ме стргнеш морно, да ме слудиш. Море в себе моро потомори од надежи мори навестени, само уште мора да те мори твојот несон моро што те плени. Моро ноќна моја посестримо со поривот моро што ромориш заклучија морно в твојот живот сета тага мори да одмори. ДОЈРАНСКА ЦРНИЦА Неоти молкот душата ѝ ја слика во езерото длабоко, длабоко Тоа небото својата боја во нејзината јадрина ја препознава Стои загледана наспроти копнежот со ден и ноќ во плодот надрочен Човек минува и огнот на промените во жар љубовен го раскрилува Сенката наша бакнеж остава дофат на смисла за сонот негибнат од зли уроци и жуборења потајни што надежите поблиску ги довикуваат Со неа волшебно свои проговараме мили нешта им калемиме на беспаќата глас очекуваме немоста да ни ја отне сон да ѝ береме, но да ја разбереме НОСТАЛГИЈА Застанат на зајдисонце некој во мене со нем плач слегува и откинува дел по дел стискајќи ги цврсто во своите дланки Одамна не си бил тука за да го згрееш срцето, ми вели да ја сочуваш целоста своја пределот што те имал илјада години Го гледам небото занесен порабено со сина коприна и како божјак со подадени раце призивам милост за сопствениот грев Останувам така цела ноќ ко цела вечност буден сал едно патче меѓу ситните ѕвезди ми го открива конецот на потеклото О, колку било неутешно, си велам да живееш без и да дознаеш што ти исчезнало тихом, неповратно а толку многу си го сакал ТРЕВОЖНА ПЕСНА Нам веќе зборови не ни недостасуваат кој да стражари крај наследството свое и да ни јави колку всушност нè има расеани по светот меѓу народи ини мориња и континенти кому сè уште му ѕвонат песните, старите цркви Затоа кренати толку камени раце и очи по ридјана, полињана над распретанана пепел Сведочат тие за нас и кога не сме дома и кога од жед неми и копнежливи уште се прибираме назад во своите топли гнезда Нè здоболува тогаш душата наша страдна силно гради ни пара зашто се збиднало нешто за кое сме таеле мисла дека нема да ни се случи Се присетувам на Сенека кој предупреди праќал да ги одврати смерно заблудените Римјани но никој глас да му чуе негов наум да сфати иако бил во право зашто можеби и денес сè поинаку би било или за утеха на сите морало така да биде Но ние уште сме тука сме – и ќе бидеме довек сал да се чуваме од лишки сонот што ни го глотат и да го прегрнеме она што сиот свет го сака БРЧКИ Оној што те препознава по говорот, по речовитоста другему му шепоти му отвора врата непозната Пробивајќи се упорно и смело го резбари времето низ екоти и трња низ соспи восхит низ обрачи страв благословени и штедри Не попусто повлекуваш црта и слушаш како навева ветрот за да го чуеш тоа минуваш низ години низ ридишта одболедувано време и знаеш дека тоа што те очекува долго зреело во тебе се таело и брзало да излезе да не се завее, да не се потомори Така тоа останува чисто Се впива во зборовите расте со отчукувањето на твоето срце кое тие верно во горењето, во разбирањето на читкиот запис на твојата песна која продолжува да вилнее да мечтае неповторливо врз наковалната на времето ЈАДРО Прво беше големиот блесок од чиј поник светови никнаа за да можат и сенката своја и гибелта и вечноста нова да ја вратат во ковот нечуен Видете го: тоа полетува не зпрело да нè заслепува со позлата животна и тресок во сè ’рти недоброј милина повиена со преѓа од висок напон Во него е прагот недосегнат дамарот што крвта ни ја кроти и љубовта ни ја преселува до некои нови хоризонти присутноста да си ја видиме Толку желби низ него минале толку живот од него пронижан со довикот за бескрај човеков во вечниот заграб на подвигот што идното време го отвора До јадрото да стигнеме јадро немеј далек во него да прсне да отнеме стерни вековити возвишено што ќе нè преплават со мерата простум недоодна КОРЕНОТ Протнат до најдлабокото без остаток го надитрува непостоењето на бога Како во стапица фатен се одмора од своите номадства пострасни и побезумни од фантазија Не на подземни игри ветен а на иднината заветен сонот во вертикален двиг го ослободува Силно врива во себе пред луњи и ненамерници и напнат до ерекција ја кине квадратурата на својот надземен круг Постојано глината жешка во плоден хумус ја претвора и полноќите расцветани живо го болтеат ткивото на неговиот јазик Па трба ли везден да сведочи на подбивка или на измама кога сите пипки ги обгрлил со непоткупливиот свет на своето постоење ИСКРА Притаена од зазор, од што ли тихо збрана во круг необзорен во своите чекори од ламтеж си плиснала зрелост подновена како фитил во усама требен Нè мернуваш со облог на врвот со вистина узната во поник па попусто подрек ти ближиме виделото да го подотвориш рака ѕвезда да ти ја огрее што ќе трае ја нема да трае И полека како в изненада од затскришум одмотуваш јадро душа своја прснуваш безгревно повеќе од секој засон убав што го чекаш да те земе в преград со некоја ширум одгрната игралита личба јунакова Потем бегаш од понир кон угор на каменот сонце да му бидеш на човека љубна посестрима збор подречен и бол подоткорнат в полег тајна и неспокој в очи што ни пее и беспрекин вјаса кон некоја нова височина занес бела а белило нема ТКАЕЊЕ Сосема точно наслушнати спроти очите и душата пуштени шарите на простумните стапки без чудеса минуваат ситно низ нишките на разбојот како цветопади во гално струење меѓу дахот на ткајачот и на ткајачката Секој од нив мигум по еден збор одбира и го вденува во јатокот на потеклото го тимари по брдилата на тагата го вие на кросното со зрело умеење и така појасно си го искажува меракот што им ближи дофат во саќето медно А онде кај што тената сложена ги крие стамно вените на крвта нивна на неумората што боите ги озвучила таму верноста гори со блик од чудеса и прстите итро цутот го стрелушат плодот страсни сонца да намножи Сега во приказна пресоздадени од врвот на неизвесноста своја удираат и животот големее од облик до облик судбината горка в заграб ја израмнил по жиците што ко тек плавен се нижат силна љубов скротил во нивните раце ТАЈНИТЕ НА ЕЗЕРОТО На Вангел Наумовски В длабочина нурнуваме очи од небото сме украле боја за цвеќето под карпите мазни што катаден стрпливо нè мамат зори идни диплиме високо Не далечни а блиски сме биле на синката трнка џинџифила на гладунот подводно извиен со скреб нежен и блажен боливач во нивните одблесоци цели Небаре е прекусо времето за љубовта здивот што ја грее затоа низ несон до лудило го браниме растот недофатен во надежта гордо оплодена Така ништо не е предалеку и писмото јадра смисла има од заборав да нè ослободи со водата нежно разлистена кон себеси цврсто да нè сроди Продолжува долу да созрева прозрачноста слегната врз него од четката секој потез читлив засводено момето го нашол од езеро тајни како леит ПРЕЛАГА СО ЖИВОТОТ Сега гледам колку понекогаш обземени од скришниот рев на младоста од разбушавената игра на дамарите тргнуваме на јуриш кон животот плашејќи се од брзо прецутување Сè нешто нè сили кон искачување и кога остри скрки нè странпатат за да се најдеме повтор пронајдени сред белите соѕвездија на немирот и скараните илузии по промените Одеднаш откриена е нашата намера предадени сме себеси во устремот и ништо од вчерашната верба во ружата од загатката што го ослободува небото дури гориме во огнот што го говориме Хамлет паќа ничкум од милост безгрешна еротски во нас вивнува сето детство трешти просторот во песна преселен а толку искри го бодреа зракот на нашето прво закоренување Потоа гледаме како отпретана жарта околу нас се разластарила со пуштените бразди на насетувањето и грчот на скржавите отстапувања зад кои останува една горда изненада СТРЕИ Еве ме стопен во сигурноста нивна во прозрачната полноќ што ги надвишила како голема латица од гацки несекнати по кои јагнињата осамено блејат Како да им кажам дека споменот стрмоглавен в река од карпите не може да ги засени во мојава душа кога небото го затскриваат пеејќи Гредите со излижани плочи врз себе посилно од свечената тишина од радувањата сезонски крцкаат божем толосум ги изнагазил Од многу сажни тежина што необјатно минала во мене сенката им ја пречекорувам да не ги јаде јанѕа и капавица Одеднаш им стивнува вознемирата дека можат да бидат заборавени им раснат отворените соништа со пречек сакан само нам поимлив Ги прекриле недопирите ѕвездени стреите наши потешки од зборовите на кои дури им се приближуваме сами се движат кон нас сосе куќите ЗАГЛЕДАН НИЗ ПРОЗОРЕЦОТ Гледам како слегува во мене тежина од запис непрочитан и длабочина што се таложи нежно во безброј неразбрани честички Надвор е октомври со многу смисла за патување на хлорофилот под земја со многу изненадувачки промени кога оптиката на природата се шири Голем си камен што сака да јурне по удолницата на окото понорно а сетркала сал јазел од златни лисја низ бескрајот немо в душа распослан Нечии долги раце би те позеле да имаш пристан во ветрот и сенка топла сенка над покривите лемни а сам си и никој во мигот што се топи Срцето го пробива џамот асфалтот го гмечи сè е како одек на непредвидена драма во која и сведок и учесник сум со врла сила да из’ртам во севид - тајна Телевизорот допира од соседната соба светот е маскиран со неговата слика и сите блиски и недосегливи нешта корен имаат во сопствениот призор КРИСТАЛОТ НА ОСЛОБОДЕНАТА СЕНКА На Танас Луловски Кога обземен од белината или од што ѝ да е се обидуваш длабоко да нурнеш во себе да ѕирнеш во исцеденото пладне ти бараш азил во конкретниот облик што те прогонува да го преораш светот Дијалогот е почнат Детството минало молкум нема прошка за одлетаното време линијата, моливот преобразени во луѓе ни кажуваат колку раскошно може да расте едноставната нишка на пронајдениот живот Се прелева допирот како по иста точка кристалот на значењата нè ослободува бавно како потсетник на малите заборавени нешта што расцветале во знаци на заумен говор со светло и темно во нивната легната сенка Тлото е трошно ако со сето таинство свое со сета сила на рамни и стрмни патја свои не влегло во нас да ни ја внедри грутката родна пред која повистинито од сè гледаш и велиш: долго сум барал – барајќи сум бил најден ЦВЕЌЕ НА ТРАГАТА А долетав небаре следен од метеж посипан со гранчиња смрзнат здив и оган што тлеел под моиве нозе изучен на денот светол и возвишен И еве тој пак продолжува да се бара во миговите што ме ослободуваат од неподвижниот восхит кон водата чија трева го заболстува сеќавањето Трагата расте од моите далечини јужни ветрови ја вилнеат ноќната љубов сал жестоко тука ти ме осветлуваш почисто од вознесот на нашите тела Се креваат високо облаците на патувањето трепери цвеќето во моиве очи и што можам друго тука да откријам освен сенката на неговата непостојаност ИГРАЊЕ СОН Тргнувањето кон својот засон доаѓа со звукот што го ловам од самотноста да го испадам себеси барем еднаш да се најде со немирот врз својата слепоочница И лесно, лесно сосема да нè задои со голо татковство да нè крене до спокојните ведрини откаде смислата на откривањето многу питомо се препознава Го пали тоа во нас противењето ликот го крепи, буди нежности и шепнеж слева над грчот дневен: ридон нè стсал, ридон е далек – итаме бегум кон брежен предел И низ спилјето на иднината сонот витешки нè израспашал па не можеме на едно место да ги збереме децата заспани во подгонот на плотта ноќна БЕГСТВО Затвори се во својата куќа и сонувај го она што ти го одзема времето Те довикува музика на познати лица та саноќ си снежна вила до изгрева Само во дослух со морето немаш време да старееш со мислите за ридјето сиот занес се претвораш па со некој чуден клокот мразулците во душата безимено ги стопуваш Така растеш изненаден, осамата си ја сразил се јавуваш во коренот на билките вечно будни како заборав во минералот, како темен виеж потем бегаш во влажноста на шумите замислени Ти мораш да ѝ веруваш на таа прелага со светот на тој беспрекорен часомер на здивот што истрајува пред веста за неутронскиот демон пред очигледната немоќ да се надмудри карциномот Има длабок порив во твоето верување и јасна цел да ги презреш заблудите прежни смелост скрита да ги пресееш полињата низ трепетот што те полазува ко огнена мрава Оти знај: секоја твоја болка личи на тајна вечера што ги мами оние кои од тебе се плашат додека ние прегрнати на крајот од собата крикнуваме во потрага по ведри свечености КУЌАТА И НЕДОСТАТОЦИТЕ Влегува мајсторот полн светлосни сенки целиот со намера да го преобрази ѕидот самотната празнина на прозорецот стеснетата проѕирност на балконот Има голема љубов во неговите раце во неговите алати надминат страв и некое стамно спокојство кога ми вели „Прво се гради, па се поправа“ Ги броиме промените: јас жената децата и гледаме дека нашата куќа полека губи од чудната смисла на своите недостатоци за кои навечер долго, долго разговаравме ЕХА Сè би сакало да побегне од сопствениот корен, но трипати повеќе врзано се враќа во своето легло, деноноќно во нашите прегратки расте мост морен по кој минуваат сите патишта на кои ѕверки се ведат. Високо в небо соколот ја одречува туѓата сенка и никој не знае дали мртов или жив ќе се врати; овде го вика река удавена во стравот на една солза, гледам, ќе умрам еднаш од здивот на недофатната зора. Се враќа тивко време што бурни брегови ближи опчинет до бесвест гласот се дроби во мноштво срчи, без височина во одот светот над бездна би лебдел далечна љубов моја, на тебе почнува сè да личи. Нè бараат онаму кај што никогаш и не сме биле: меѓу две пукнатини од челото до нашето теме, скараните ветрови в кошмарна ноќ се менат, а звучните предели за себе голема одмазда кријат. Пред големите врати на сонот чекаат семожни раце што забораваат да ги ослободат заспаните песни, ќе задени над нашите порочни очи голем пламен што ќе летне до сонцето и пак ќе ни се врати. НАЕЗДА Надоаѓа отсекаде глутницата Преплашени жива – вода трепериме На стрелките од саатот волчјо време Да појдеме зад обликот на сенката Од мноштвото ни остана уште пепел Во пепелта време збрано за приказна УТЕХА Како кога и никогаш набарање да допреме до чистина; Угорничав, удолничав, незнамкаков, вистина е дека сепак си постои излез некој: до темничен, безделничен и преличен пат потаен и промаен што се дипли - раздиплува во срцето, во душата и ни брише молештини и ни гасне горештини и ни куси улавштини, ини...ини - разболини. СВЕТИ КАМЕНОТ Свети каменот над ридја и долини над води и клисури безимен и студен Се облекол молчешкум во руво празнично и самее во конежот и планинее во помнежот Загледан од засолн ни крик ни гром да чуе освен тишина пуста отаде бескрајот Само да можам да му го разберам шепотот таен што го пронижува одвнатре Прегрнат во песната свој до премалување го разгорува огнот во своето срце НА ПАТ КОН ГАЛИЧНИК Обземени од сушноста на средбата со грагорон кому суштински му припаѓаме нестрпливо ја совладуваме угорницата готови за лет кон високото како залог да се допре неповторливото Ништо не е повредно од куќниот праг скриен во чедноста и палавото детство во кое сè што е невозможно станува можно и одново меѓу сенките и ливадите добива мера за вистината и убавината Сал под нозеве тлото забрзано вјаса со зов дарежлив исткаен од летото што ја восфалува и открива природата со својата смисла за складност и возбуда од која дури и на сјајот му завидуваме Кога станува неподатлива и заведлива за споредба со патот зеницата божја тогаш потонати во длабока тишина ја ослободуваме тагата пред да ја втиснеме во густото време на љубовта и восхитот Приквечер вознесени влегуваме в село нè допира митски празнината скрбна и гушнати до восклик што се грутчи незабележливо тихуваме со бигорот и болот натежнат од пораки и од јадри ѕвезди ГАЛИЧНИК На доктор Јоцо Тоа си ти око небосводно ламтежу што го криеш сето богатство на денот искачен над планините дури ги чекаш во руво празнично разиграните срца на свадбарите Го откриваш времето со зов библиски личен и возгордеан љубовта ја нижеш да исчезнат јанѕите од нашите мисли дека без тебе би останале и без самите себе без целоста на постоењето наше Гнездо на неспокојот, грагору ѕвонлив ги креваш сенките, невестинскиот шепот во одаите послани со мечтаења нежни измамата ја падиш од бигорните усни и бескрај постилаш врз камените покриви О, болу мој запретан во родниот предел ми го вруточиш детството, вијот згрутчен од премногу сакање и сон неизустен што ме преколнува да те растајнувам до незасит преполн смисла единствена Еве ти го слишам довикот пречеклив моми и мајстори оро ти извиле по чардаци бајраци развиле по рудини стада заблеале блазе си ти пак шо ќа нè имаш ГАЛИЧКА КУЌА На Славко Брезоски Се извишила лична над стрмнината над сета осама меѓу каменот и небото високото и убавото да ги соедини да го збере светот тажен и радосен во сонот жив на башмајсторите Со неа исчезнува секаков привид вон од просторот за вознес исткаен расте во неа зборот вистинит низ складните линии на уловеното време спроти ветрот и сонцето што се одзиваат Таа е тука секогаш видлива за мисла далечна, за песна најблиска со која се исцелува душата на намерникот Во нејзините одаи посрмен е крикот на животот готов да се возобнови И мирис на дуња и божјо кандило до нас допираат штом праг сме минале Нè опива занес и бликнат незапир како златен повеј што ни навестува сопствената вдахновеност да ја откриеме Со такво чувство и мене ме крепат твоите древни темели, кушаци, пајанти сите мои галопи до вратите ширум отворени еј чеднино ќошлија, куќо чардаклија не рака а чудна ли ѕвезда те дарила ОСКОРУША До комшиската куќа в село беше израснала круша оскоруша под која ние голуждравите деца игравме клиска и прескакулица Под неа често и старци наседнуваа пиејќи кафе и топла ракија разговараа долго и нашироко за сè што им минало преку глава Ту поткашлуваа, ту виткаа цигара а ние од далеку им се потсмевавме чекајќи да имаат повеќе разбирање за нашите искрени детски лудории Но секое лето бевме сè помалубројни и ние децата и старците со нас што од преселбите, што од умирачки па полека и крушата почна да венее Веќе свишени и разластарени стасани за повисоко образование на праг на есента ни беше соопштено дека ќе се селиме во најблискиот град Следното лето при идењето в село пак се собравме под исушеното дрво ни сенка под него ни старци збрани на летен поседок и сладок муабет Одеднаш ко да стрепери голото стебло од довик татков до нас што допре „И теа исто како и ние луѓето од пуста осама брго угинува“ И сега возрасни и подостарени штом отидеме ко откорнатици в селоно кое сал една жена го крепи од овој наум потреперуваме ГАЛИЦА Галица, галка во нашиот сон што талка ги подава крилјата над првите пупки над ниските тревки во пролетната јасност го подисправа клунот над сопственото исчезнување и така проолжува да ни се укажува нежно ко црно шамивче фрлено во зеленилото Ја галам и јас со погледот скришен да не би да ја исплашам, да ја снема а толку е ретка и сè поретко ја има во родниот предел кому личота му дала па го молам бога да ни го сочува разумот за да не ни биде сè посиромашна природата Се прашувам каде зима поминала кога врската со тлото ѝ е можност единствена да ја премавне гладта, да го дочека летото да им биде зговор на осамените стадари кои преку неа и своето време го мерат и полесно место за легло одбираат Ромори зеленото, врз крилја ѝ паѓа сал пурпурот од мракот на нејзините нозе гласи нова светлост по првиот потоп копнеж нужен од безгласот стргнат што го движи и човека кон подвиг возбудлив доволен да прелета над своите соништа ДИПЛИ Кога и да помислам на убавото што од искони го крепело светот пред мене е секогаш сликата на мајка ми свиена стамно на распеаниот разбој во одајчето под галичкиот чардак како ги ткае диплите на животот врз јатокот на битието свое Сè околу беше свеченост тивка дури ги кротеше боите во тена чалгајќи со брдото врз вратилото ко да го гласи говорот в куќи и да се брани од налетите на кобта алчна за уривање Имаше нешто необјасниво во складноста на нејзините движења од која ме полазуваше сигурност што победува секаков уплав и стреа крева сонувањето Можеби навреме не ги читаме сите пораки и убавини што ги ткаеја нашите мајки за да ги смират молњите в насмев и скараните ангели во молитвите Затоа кога од зад секоја врева патишта нови се отвораат пред нас сетики требно ќе да е мигум да погледнеме назад во тие дипли од кои нè довикува згуснатото време и виделина на корењата свои УПИЈА Тече и сè за себе кажува средсело како сред светот Од три дулки гргори љубов и разбирање за нас и за нашите деца Ѝ оставаме платно белено и запалена борина место ѕвезда Под неа одново коњ и невеста да не исчезне сонот игралит Одеднаш мигот го преобразува и в дланка бликот ни крева Нè уми очекувајќи низ срце да ѝ провреме млад славеј затвотен в ружа Долго, без запир долго ќе ја упива ангелот нејзин во она што протечува како живот Утеха таа е гола што везден од мојот Галичник убав до бескрајната коравост на болот го мери пронајденото време РЕЗБАР Откриен повторно во својот занес како во најсвоја книга се внесуваш и само во одгласот на длетото љубовта и болот дишат единствено Се нижат молкум цвеќа и ангели гроздови надрочен немир постилаат под прстите така сликата на светот на тајното безвремие му се восхитува Патување е тоа низ многу опсади од еден до друг катмер во стеблото небаре сила божја невидлива во тебе го пласти сето совршенство Гледам полека се крева иконостасот молкот е победен, копнежот јасен сал во душата на мојот народ отворен извор на нова светлина И сега упатен кон недостижното со збор изустен на самоти врв ѕвезда одбираш за своја друшка и корен непорочен за идно паметење На крај помислуваш: имало смисла да се вдлабува вешто сета вистина сонот да зазвучи во ореовото лисје и да ја победи човековата тишина НA МАЈКА МИ Од што ли боледував мајко кога на еден Ѓурѓовден отидовме во малата шумска црква да ме лекуваш, на патот собирајќи свиреж и пролетен мирис; Јас носев амајлија на вратот и белег од таткова шлаканица а чудни мисли ми се вселуваа в глава правејќи меандри во мојата душа; Мојата сенка заробена во мрежеста иднина немаше ни почеток ни крај; Како изгубени ѕвона ми одекнуваат твоите тивки чекори а јас за тебе се плашам и те чувам како привидение во сонот од кој вечно боледувам – Огнот носи пакост во игрите; Пак на тревите да заспијам сакам зашто тие утре мојот ’рбет ќе го пијат и луд од огнот на цветот да сум Го пијам сонцето како некогаш твоето млеко што кога му го дарувам гневот потемнува а знам еднаш во неговиот зенит ќе се вселам; Дали уште гледаш од балконот ѕвезден по некоја тивка залутана мома Дали брчка нова закитила старост ил мијачки гајтан си сошила мудро на некоја нова невестинска руба Водарките веќе пристигнаа в село; Моето живеалиште личи на замок а јас сум монах нежен и палав; Со расцутен багрем пак стихови шарам убивајќи ги сите клетви и неверства меѓу твојата и мојата љубов мајко пред да коначам во твоето големо срце. ВЕЗ Треба да се постави основата и врз неа убавото лице на момата Игла в рака и конец небесен за шарење оган да се земат Со светлина бодот да се провре да надрочи љубов на платното нечујниот довик да го слушне што отнува стерни во душата Да се каже и воздивот треба стишаниот прегор во очите како кога се стемнува денот од премногу тежина во себе Штом е готов освоен е летот до вечниот стрепет на времето така везот сета наша судба на разговор штедро ни ја дарил СЛИКА Дури тивко плачете над своите огништа вие ќе ја сонувате својата ѕвезда но никогаш нема да ја здогледате ни велеше старецот застанат спроти нас Трба навреме да го спасувата она што почнало да се руши од небрежност за да не се чувствувате туѓи на своето докрај гости на својта трпеза Го слушавме така мудриот старец како ги подголтнува надојдените солзи поткревајќи го нагоре избрчканото чело кон морето небеско засводено и немо Често и денес по многу години штом се присетам молкум на истава слика од бескрајот во кој сал трошинки сме ме жегнува силно ѕвездата негова ТОНИВОДА Троа колку за приказ истечен видот ти светнува јасно те поткрева срамежливо над осамата во која е стоната твојата снага твоето некогашно величие Колку само неразбрана блискост одеднаш наедруваш во нашите срца кога ти идеме да ги оплакнеме лицата наши, мислите наши во радувањето дека постоиш Се вѕираме во твоето напрегање дното свое повисоко да го видиш да го рсплеташ сонот најубав како оној овчар рудоно стадо од брега на брега Но брегови не ти видуваме ни корито свое нигде да подадеш за да можат небото над тебе и лузната над модрината под тебе бескрајноста да ти ја доверат Вирната како жилавица љубовта само ја делиш од смртта и нежната убавина од својот понор што те свлекува како мома своја в подзем тихо да те обљубува За почуда на сушниот предел на нашиот ветен допир со смислата лика ни подаваш од белутракот низ скипнат вознес постилајќи ја бргу во врежните млаки на присутноста Од нив твојата празнина ни зборува трошењето тивко што пее со ветрот отсутната тревога во јаловото исчезнување и молкот, молкот неизречен што ги обложува ранетите зборови Така потрезни нè враќаш кон питомиот ракопис на планината кој кротко го бушават разиграните коњи околу твоите зелени усни од непостојаност жедно источени во нас како понирање ОДЗИВ ВО КАМЕНОТ За да те пронајдам упорно, стапка по стапка го освојувам просторот во кого длабам свишен знак за идното столетие Под мене паѓа на каменот капка што ја пробива целоста на убавиот звук во кој заробен останувам со зарек – вечно проклетие Откривам пак се мешаат без редослед стапките и копнежот преку тој мост нужен со цврста градба и портали низ кои минувам стаписано И веќе стравувам за оној можен след што ниту завева трага ниту поздрав им праќа на одвишните движења мои во кои наследство скапо е збрано ЕЛЕГИЈА Се спуштивме од планина од топлите гнезда свои низ патјето кривулести со врзопи, со дисаги и со полни камиони ко номади проколнати Оставивме побратимства и огништа прадедовски и божеви височини прогонети на своето од болеста на времето од заблуди намножени Се втурнавме во грдови во фабрики измислени со сомнежи во пазуви и со далек повеј в душа од чистата убавина што остана зад нас горе Како сега да сфатиме шепот в душа растреперен дека треба повтор живо трага своја да вратиме во грагорон, во ливаѓе во идното време свое ПОТСЕТ Не дека не сме знаеле да се враќаме одново во сопствените огништа и да гледаме весело како ни расте породот – туку од пуста прелага од немаштина бездруго и љубопитност лакома низ скрки се загнувавме по далечини опасни во пресрет на непознатото за да сфатиме потоа: со иста тага без престан во нас и сега пустоши онаа есен далечна кога си отидовме од дома – со иста песна знаеме ќе се радува пролетта ако сè уште неисчезнати им се вратиме за навек на својте родни краишта ОБРАЌАЊЕ НА БРАЌА МИ Полека тешка прашина ги потрупува зборовите ни го одзема гласот Зарем чашите ни се прелија по сè што не сонувавме а одвеќе си одболувавме Севезден слушам кај грува стравот од животниот помин молкот на мајкината надеж дека треба да се продолжи таму откаде убавото подава очи и во нас понира радост да разбуди Често низ прозорецот на заод го препознавав човекот што од нас гледа подалеку Затоа не знам иста ли жед гори ист оган ве расточува ли горко кога сте блиску а сами Та сакав сал да ве прашам: без мене каде итате по кој непознат пат, браќа? МОНОЛОГ НА СТАРОСЕДЕЛЕЦОТ „Отвори бела мусандра...“ Лани кога отидов селоно да го привидам од куќи ѕидот ќошлија потулен да си поправам вратата да ја одлостам и огнот да го потпалам в староно гнездо утајум згаснато со преселбата срцето жал ми навеа, рацете ми затрептија пред мене божем распростен стоеше патот изминат солта стаена бигорно на тешка ми живеачка затоа домот несито градите ми ги отвори Помислив видувачката немушто крај ми чкртнала та да си умрам издемнет од мерак и убавина попуст го сетив напорот в спомени да пробуричкам во небидии ништотни на годините мои летнати што самуваа сронети со болме и праг потурнат врз покривните плочи кружеа, во поник со празнината насилно задушувана од некој пламен в душава од кого и калдрмата се корнееше во мене Животот ми се пристори ко минат на вересија па не знам зошто чулави ми беа новоградбите пусти до темел раскамчените, полични подновените уште почудни галичаните што сал туристи се препелкаа болката ја варосував, зарекот си го вапцував крикот го потиснував во мене што навираше велејќи може поарно опинок што оставивме но зошто и во песните себе се зборавивме И чунки дере зинато сеирот ми го проголта со предупреда некоја: доста пак залажување А што без него, си реков, а што без тоа, си штурев зарем по солуните и белградите, по каирата и в америка ставава ќе ја дочував, век повтор ли ќе привидев зарем по бачилата, трлата, гурбетлоците и пердињата не ќе изумев на себе, на домот и на своите да не поревав милина по кротки класје послана Гласот мој да го пресретам во гласот нивни посакав услупно лаф да потерам дури се руди планина и ’рз на тапан да чујам и вилен извив на зурла и лично невесте средсело да ме дарува пред упијана и бардак да ми подаде д’оладам душа пуздрена да јавнам бинек оседлан и да бодинам спротија чемерот магла да фати, дамарот насит да сети и почудица випросно небото да го огрее Си думав така сè дури не влегов в стара одаја дури не ѕирнав разболен во таа бела мусандра срцето ми се распрвта божем е пиле ќ’избега мерак ми фати староста: еј лета тешки синџири човека што го робите, човека што го дробите лека полека сигурно! Си реков и се огледав на џамот свртен каршија, посакав чиста кошула да легнам и да си умрам, без никој, ништо, никого Но само што ги раскорнав наедрените мачнини само што стресов во пофат чудно вирната лошина немоста да ја липсам та веќе да не думани да папса во збор самоник што ни ја варди трагата синот го видов зад мене како ми вика весело: Затвори таа мусандра, заклучи мерак довека ај да одиме на извор, на изгор вода студена таму полесно самоста ќе ти ја врати младоста Излегов помислувајќи: убав е светов крај нема... ЅИДАЊЕ СОН Се стреми кон нас помал од зрно натлеан разлистен збор Никој тајната да му ја слушне ни лелек од уста да му зауши На беспаќата отвора врати за да ѝ побегне на осамата Но таа нему ко стоглав аждер не му допушта сон да остави да заборави на ѕидањето Навира ко вруток тој брат вечен како со ангелите да разговара Во роеви ја збира убавината по стрмни стреи ја искачува до магнетната сончева светлост Најпосле сфаќа сè што понесол во неговата песна е заклучено ПОБУДА Се крие гласот во телото свое се крие со крик, со душа ранета и бара некој што ќе го чуе што ќе го избави, ќе го открие По многу време тој го наоѓа лицето на оној што ги отворил вратите на сонот во кој длабоко убавината ја ткае својата преѓа Потем излеан ко сноп светлина гласот повторно и неодминливо ја враќа надежта отелотворена во здивот по кој вечноста копнее Па така со него и ние полесно на заборавот му одмавнуваме и одново себеси пронајдени умееме времето да го пишуваме ПРЕДУПРЕДА Со знак небесен ги цртаме нашите стрепети круговите во кои е сокриена мерата наша и само така тихи и бистри ја разбираме силата на проговорот светата тајна на молчењето Без нив ние би биле беспомошни да наѕреме подалеку од видокругот да се кренеме повисоко од земјата над секој камен нејзин и секоја заповед та сонот да ни се отвори ко свиток божји Затоа сега пред календарот вечен О, вие пресити од лажна верба смирете зли страсти и души избавете од слепилото свое, од притаената мора која не може да се премолчи, да се пренебрегне Во духот човеков неприлагодлив на пораз да ги згрнеме непознатите патишта Жуборливите слогови, децата неврсни оти постаро од нас е правото на сомнеж а уште пред него правото на мечтаење ПОРТАЛ Без него не може повторно да се биде на прагот од чудото што ве очекува како дар од Бога, надеж засводена А сонував: убаво е така како што е да се знаат прстенот, каменот и ветрот во чиј предок и чија вистина сета љубов и сето памтење несогрешно се очовечиле О ти недостижен, еден и единствен сепак ни оставаш право на слобода и право на избор пред исправените олтари по мерата на својата волја и како сè што трепери кога се будиме ти му ја враќаш силата на огнот распоредот на животот, гласот одврзан во пресрет на денот со крилја раширени Окото твое ги чува звуците одамна заборавени во небесната зеница и времето бегајќи од сопственото минато го исчитува наумот, грешките сторени да не би навек да се заборават Но ништо не може да му се одземе на болот кому рака сме подале како на прашење што одговор нема Верувам во светот овоземен ги сложувам причините за сонот еденски се тркала забрзано кон срцето мое лелекот непознат на првата љубов еднаш случена никогаш незаборавена и како две стварности на исто постоење денот и ноќта го крепат влегувањето низ порталот трага што ни соединил ОБДЕН Кога се насобра богатство од непорочен занес и постојаност се отвори патот до изгревот сонот за еденската градина и секој се пресретна себеси цел во присетот за совршенство Брзаа некаде во нова одежда мислите што мигум ги спојуваа луѓето и јазиците од матката на праизворот во чудесен галоп меѓу нас дојазди убавината како зглавје кренато над судбината Прснати и соединети во едно зраците и зборовите господареа со царството на разликите нужни Животот немирни ги призиваше чистите бои за да нè чуваат од стари злодеи и нови предавства Сега на работ од сеќавањето самнува светот преполн необичности празнува светлоста во нашите души со која зрее моќта на говорот и ние несами мракот го бришеме за денот проложно пак да го вдишеме ИСЦЕЛ Се сеќава необјатно: има вратка по небидот и глас тивок што целее претпазливо но сигурно Има изрон од длабини и мерење тајно време пресреќни што пак сме цели со сенките што нè следат Поначесто помислуваш со погледот што здравее колку силни чувства таиш потрупани од молк в душа Скриен знакот ко богатство најнакрај го откопуваш со радоста што сме тука и среќата што сме живи НИШТО ПОБЛИСКУ ОД ПРИСУТНОСТА Ништо поблиску од присутноста не сведочи за отворените патишта на кои низ постојана обнова духот е вечно заробен во непознатото Затоа остани каков што си кога го препознаваш гласот заскитан меѓу снопја од ѕвезди над поле широко над опустено село на Бистра Планина Побегни онаков каков што не си во некој град од живот пресит во кого ништо не се подава одеднаш и со секоја стапка во него сè е речено Во размин со минливоста биди далек за себе – близок до вечноста именувај ја тајната, разденот крилест тишините со радост и тага омеѓени И не оставај ништо освен љубовта вратите што ѝ ги затвора на осамата освен ретките зборови што не умираат кога сал во нив еднаш ќе бидеш препознат ЧУДЕСНОСТА НА ШАХОТ Од исто стебло и двете бои две смртни војски надеж преполни без отстап очи и ум впериле гибелта своја да ја надитрат Најпрво мигум пат отвораат потем во занес стрпливо тонат од чудото на изненадата ја претвораат неа во чудо Неизвесноста ги следи до крај и кога златни зраци просева ноќ студна кога им стреперува судбина трошна да ѝ сокрие Нивниот несон и над нас лебди од созбор горко нè развенчува прашува дали исто љубиме штом изгубиме ил победиме Свои за поход нов нè исправа тајно открива безброј гласови секогаш плени со чудесноста за да се зачне повтор од неа ШАХОВСКО УТРО „Играчите седнати, молчат в својата скута внимателно ги мрдаат фигурите спори. Строгиот простор на таблата ги држи до зори; две бои спроти себе водат битка лута.“ Х. Л. Борхес Довчерашните пријатели кои најпрво за забава ги вкрстија желбите и поривите за играње уште недоседнати си упатија закани дека еден другему ќе му го земе скалпот ако успее во отворањето да го надигра Сраснати со таблата како со своја судбина тие упорно ги бележеа победите и поразите не узнавајќи кога ноќта им поминала како да береле плодови во забранета градина која неизменето трае и соблазнува До нив отчукуваа избројаните минути а мислите им беа лиднати по шаховските полиња кои наликуваа на неизорани боишта до кои секој иташе побргу да ја проѕре туѓата намера во сопствениот табор Ту надвасуваа белите фигури користејќи ја и предноста на првиот потез ту црните правеа храбри пробивања потсилени од нестрплив стремеж за одмазда та в безизлез кралот бел го втеруваа Кога потем ноќта завеса поткрена и зората лекум лица им огреа тие личеа на два испосника кои жедно в чаша усни подаваа душа страдна на свет тие да соземат Како првпат тогаш да се распознаа долетани од некоја дамна заборава мудро го запреа времето мерено и си подадоа раце со добра помисла „Убаво е сонот што го победивме но колку ли ѕвезди ноќва не видовме“ Плисна сончев омај набргу утрото а тие молчејќи и се разделија – резултатот сепак остана непознат На таблата само и в нивните души лебдеше чувството дека создавале РАЗБОЈ Прекрстена во два реда есента се преселува во твојата преѓа Надвор последното лисје затреперува од твоите удари што ми шетаат по дамарите Ткајачката очите ги заборава во темната шара на времињата Во ноќите полни предизвикувања мојата свеќа ја губи историјата додека збор по збор излетува од тајните дувла на заборавот додека една железна бубачка те дипли и оддиплува на љубовното вратило со бездомниот килим исткаен во срцето Ѕвечка прстенот на времето од молњи Не пеј пиле не пеј толку рано Лудилото на самотноста поблиску го пали очајот на црвениот цвет распослан меѓу разиграните жици Тука и поетот ќе почувствува пораз оти гледа дека е опеано веќе тоа спорно цвеќе, таа мечта подолга од умот што би го донесла на прагот од вечноста Еднаш сепак илјадапати поголем ќе се родам за да легнам излекуван пред твоите навезени нозе. ЛИНИЈА НА ЖИВОТОТ Ја отворам дланката како географска мапа и гледам ја избраздиле неа повеќе прави и накривени линии небаре реки со нивни притоки кои ја предочуваат твојата судбина Една само поаѓа од коренот најпрво одвеќе нестварна потем сè повидно моќна дело на севидниот изумител што ѝ го втиснал пред себе патот Си вообразувам како ја облетуваат јата небесни птици бели гулаби и црни галици Како ја чуваат верни стражи од прекумерни бликоти и неочекувани закани Постојано низ текот нејзин слушам татнежи на годините шепоти и нежни пев што ги ближи денот и ноќта го спонува горењето во нешто што сме го сакале а полека ни исчезнало БУДЕЊЕ, КОНТРАСТИ Фатени во еден единствен сплет како тајни условености од бога мали, но истовремено бескрајни ни се отвораат секогаш ненадејно тие признаци од овој и од оној свет Ту се загатки на неслучени нешта ту одвеќе знајни бои на ветрот што пролетува меќу сонцето и снегот мислата ведра и навестената тага да ни ги насели како неминовност Преку нив излезот станува можен страдањето се претвора во смеа каменот во леб, поривот во соѕвездие и ние дел сме од светот убав што допрел лице до раб на бездна Росата ни отсликува древен занес го искачува нежно над нашата куќа и со збор моќен за разрешение нè враќа во противречната стварност преполна светци и демони истовремено ОГЛЕДАЛО Сè можам да совладам: море и пена ѕвезда и крик и безброј лица напнати и оросени во мене што наоѓаат лик Времето ги крие зборовите по кои копнееме за да го изречеме она што ни одминува во протекот на јавето а толку многу сме го очекувале Сè можам да забележам: и слава посакувана и пораз неочекуван и набрекната светлина што ги допира плодовите во моето грло да пладнуваат Едно сме во проѕирноста на прегратката твоја ранливи и недопирливи да го преобразиме студот балкански наежен во срцата што повтат за љубов Пред мене се соголува секоја вистина се ракуваат годишните времиња кога со грижни мисли ги изговарам имињата на децата кои пораснале во нас Омаен останува сал мигот што се одразува избрусен во моето искушение и долетува ко сон на дланка говорот одвеќе јасен во моите очи да го насели ОТКРИВАЊЕ ТАЖНА СЛИКА Запира времето на ѕидниот саат ни шум, ни прст да го вообличи светот стварноста свирепа што се рони брзо да отпочне лов на нова бесконечност Се шири призорот, отклучен е стравот се облачи душата, просторот потреперува и раката со молив да го објасни громот станува претешка за човечките грижи Меѓу нештата обични а толку блиски сноваат гласници одвеќе тажно слепи за сонот затворен во коренот и плодот кој самиот од себе може да се брани Сепак миг е додека сме живи таа слика в мисли тажно неспокојна од дамнина надеж што ни пронижува со нашето време в неврат да исчезне Доволно нè има простум исправени омразата деца што ни јаде од срцата да ја откорнеме в сончев занес гнездо да ни блесне ПРЕСКОК ПРЕКУ ПРАГОТ „Колку што се луѓето помирни толку времето минува поспоро...“ Роберт Крили: “Патоказ“ Денот што ја бележи нашата осаменост не може да побегне од својата мора од устремените облаци и подивените стада од кои се тревожат благите воздишки светлина А ние сме тука наспроти глутницата земна наспроти матното време на крајот од веков па кај и да се скриеме прошка ни нема за несетното негде во отклучениот бескрај И пак сонуваме: пред прагот толку нужен ти и јас сами со немирите во крвта со кои преобразени пред мрестот богат ќе ја збришеме мовта на тишината тмурна Нè ваби звук таен и влегуваме внатре во замисленото здание ко отворена Книга од која кон нас полетуваат митови јата и восхит вирусен што ни ја засенува свеста Но бргу на овдешноста ѝ отвораме врата да го проветри протекот на животот вечен бунтовно ѕидаме љубов за потомците наши и одзив силен слушаме во јазикот сопствен БУНАР Колку подлабоко се копа толку е поладна водата во него Тој е како повторно влегување во мајчината утроба, како слегување до сопственото дно Тешко онему кој не ќе одбере почва вистинска почва за бунар и не ќе покаже љубов при ископот зашто ќе остане и без вода и без можност поначесто низ неговото внатрешно огледало својата душа да ја препознава Без него, се разбира не ќе го види ни будното око на сопствената земја во кое ненадејно убавините поразлично и подлабоко се скриле СОНОТ НА ЛИПАТА Тука сум со вас во време знајно спроти вашите лица спроти усните ваши бакнежот да ви го сетам стравот да ви го ослободам за да можете полесно да го обликувата мигот од вечноста што се изделил Не за првпат меѓу дрвјата ме барате мене меѓу сенките на исчекувањата ја наоѓате мојта сенка како ја повасува рамнодушноста на градот Верно го препознавам доаѓањето ваше под моите крошни трагата верно ја сеќавам пред незаодите ноќни и сè околу мене наврапито и нежно на убаво почнува да мириса Непомирена на крај со кратката пролет од која како на мома и стреперува телото плотно го оддиплувам денот преполн таинства летни и со вас во заедничкото јаве го бришам привидот неопитноста своја за повтор сонувањето мое за собеседници да ве има МОИТЕ ЗБОРОВИ Подгонети од неизмерна жед за неомеѓеност и зрачење смисла се нурнуваат тие во недостижноста и длабат значења што ги обликувам во пориви, во стројни зборови Напати не можам да им ја смирам завјасаноста и непредвидливата страст што отвора врата кон блажената обземеност од невидливиот глас на провидението кое патува пред нас Тело се тие мое и суштина вечна крвоток ходочасен кој одново надоаѓа без запир бранувајќи го спокојот кој копнее и без кого не се поаѓа на пат кон другиот и кон себеси Ме плени вашата врска со земјата со времето, со плодот и будењето вие сте мое тло најсигурно кога се ракуваат сенката и светлината за да ја потврдат целоста на светот ТЛО Која ли тајна сила нè држи за тлото за земјата на која ѝ се даруваме без остаток и без покајание Каков ли судбински знак ни испраќа сонцето кога нè огрева предавајќи му се нему закотвени во вечноста Тоа постои од искони древно и бесконечно Доволно за да нè збере како цело, како вистина Ту е недоод што памети луњи и пориви во таен довик Ту е пророчки заглед кон својата историја Судено е да ја обликува по мерата наша светлината и трагите што ги оставаме далечини наши сонуваат Низ беспаќа и недоодици оставаме гласно да вилнее да отвори мегдан со времето за пределот и за корењето Оставени тука податливо за тих пркос на судбината одново сме упатени кон Бога довикувајќи го Него во песната КОРЕНИ Од под земја свиени гласници итаат да им ја вратат надеждта на зборовите Речени – недоречени неспокоите длабат глобоко во притаениот здив на обновената почва Во недофатот што нè мами блажено ни ја потсилуваат возбудата потрајна од копнеење Огромно им ’рти самувањето пред да тргнат нагорум стрпливо и незабележано во часот на самооткривањето Само уште да не ни се урочи помислата за здрав заврзок на коренот кој самиот знае најдобро да си го стокми патувањето до себеси и до светот ИСКОПИНИ Тешко е да се премине соспата време во длабочина и трага да се наѕре во зкопаната штама што се напиња од земјата како незавршена приказна Секогаш дува чуден ветер под јазикот на непознатото со поглед вкоренет во минатото што се слева во претпоставка и дури мачно и упорно пробиваме пат наназад ние слој по слој откриваме знаци во иловицата Се чудиме како можело да се случи тоа што се случило како показ на нечие присуство на нечија историја што не смее да се заборави кога ја покажуваме сегашноста за да не потонеме во незнаење кое некому му станува навика Продолжува да нè објаснува страста за копање во болот во самотијата на тлото во неговата старост непрегледна под чии подземни очи смртта важни пораки ни праќа КОКИНО Уште пред и да зазори го фативме патот накај Пчиња за полесно даго совладаме ридот кој одеднаш ни се испречи пред нашите очи ко светиња Мораше да се стигне пред сонце за да им отпоздравиме верно на замислените жители кои нестрпливо нè очекуваа во мегалитската опсерваторија Кокино нè виде единствено за да ги доживееме миговите на летната долгоденица која нè пречека јасна но ветровита на камените престоли од сон Низ процепите со милениуми се подава јазичето на зракот кое сведочи за поклопувањето на маркерите што величествено блеснуваат на светата планина Сакам пак да дојдам во Кокино и застанат на Татичев Камен долго да гледам во праисторијата во Големата божица мајка како ни го чува наследството МАКЕДОНСКО ОРО Оваа возвишена скалдност што ни уми бранување стамно и нè распостила над времето над тлото што бистрее ни ги варди стапките ни ги чува корените Ко неповторлив ракопис пламнуваат бои и движења се лулаат стави и кечиња и душата ни се полни од милина под веѓата на пладнето сончево и сведенот жеден за приказ Лето е, и ние од звуците на зурлита и тапаните ги полниме тајно пазувите со грстови копнеж и веселост во кои се слеани врутоците за благослов на свадбалените Се вие орото кое понесува со светнати рува невестински се ниже вдахновеноста и ко на сите да им недостига здив што го крева зеленилото и ни го дарува како верување Разиграни крај чешмите од рацете сал летот нивни продолжено и стокмено им трае тупоти забрзано во нивните срца оставајќи го за друг пат потсетот на гробовите ТРЕПЕРЕЊА Трепери пладнето тонејќи во светлина што приидува од ненадеж заплиснато во помнежот од зујот на жегалците и чиниш еднолично врие пределот поткренат врз трепките на денот Беспрекин расте шумот што се пласти заробен од пламот на просветленоста вечна и жедбата без исклучок да се остане во сјајот како во своја дома Продолжува да снове совпаѓањето на глетката блажено лишена од смиреноста на денот со гласот што нè наоѓа затечени како пред свое огледало меѓу сенките и вљубените опиени од џагорот и невидимоста што ни го вежба јотувањето Сè е во власта на мигот на привидот безутешен од кого се плете нанизот што ги прави разликите меѓу својата и туѓата заборавност од која не може да се побегне и да се најде прибежиште доволно за да ги разбереме туѓите треперења како свои ГРАДИНАТА Во неа не е допуштено да се замине без понада и без поздрав Ве понесува мислата за убавото и вие разгалени се искачувате кон восхитот што треба да го освоите да го заслужите како внатрешно возвишие Устремено го џиткате утрото и не забележувате дека вашиот свет се збогатил се умножил со некое непознато цвеќе со некоја браздичка што треба да го задржи вашето внимание Тогаш за ненужен го сметате потсетот на болот говорот и молкот и нерамнодушно барате одговор за хаосот и редот за целината на светот во кој сал трошинки сме Исполнети од внатршен порив ние сме ја обликувале потпората врз сопственото тло поврзаноста меѓу брезата и тујата борот и чемпресот што ја довикуваат детелината свежо искосена за да се застане под прозорецот и да се гледа утринум росата како ѝ втиснуваме дел по дел од врвежот на годините од нашата божја неизбежност Оттаму толку љубов при полевањето без кое земјата и небото не би ја имале неопходната размена во пресрет на видливото и невидливото во вдахновеноста на убавината и сонот ГРУТКА СНЕГОВА Под белине височини се тркала ненадејно грутката снегова и расте од мојот здив од мојот збор од благоста моја И без почин јазди со болот скрит целината ја пази што се осознава во моиве очи во моево срце сонејќи ги простум ливаѓено камењено што гаснат врз смрзнатата тага и несеќавањето Повтејќи да сплете потајум скаска што ќе ја познае раката за показ тој се извишува на штрек од стравот од меракот разбран кој се топи гласно и самотно гине под превезот снежен под сонцето јасно згрутчено во болот како снежна топка од позајмен издив од својата песна МРАМОРАНИ На Ордан Петлевски Како по ветроказ далдисани мошно нè вика, семката штедра да ѝ го отвориме дното да ја креснеме тајната вистина што нè исцелува како ретка ѕвезда Некој скаменет отсјај излетува од времето и гласот и кружи, пределот го враќа кон палавост на недофат јасен воздишката да ни ја догори За плач или за ведрина ете свет од јатки, лишаи и плазма што истекол од познати слики сме запреле и пак го праќаме по жилите на мудрата глетка Сонот мраморно нè мори знакот израснува во нашите очи како коб на дага божилична од дамнина блесната во звукот силата ја сенчи со тишина Узнаваме животот си тече од тагата населена во нас од темните јами на вулканот густо прснат во чистиот облик крвотекот да го разубави Потем, јасно, палиме цигара во раката сопственото гнездо из’ртува ново бранување и мислата незапирно ита да нè жегне за да нè одржи САМ. ПЛАНИНА ОКОЛУ МЕНЕ Сам Сосем сам И нејак во својата осаменост А планина околу мене силна до небеса Камен и стебло до неизуст Стравот – тврдина до врв свишен Простор недоод пред мене Капка верба бегство отворено Стоглав крик небид поснопица Раскрилен Човечки Уште планинеам ЕДЕЛВАЈС (Потсет на Пирин) Дојдов тука среде бранување високо да го видам цвеќето што смирува но и вознемирува во допир со зборот со каменот со самиот себеси Тече времето животот тече а околу лелекот вознесен од премногу страдање и жед по коренот нè згрнува в дланки што зборуваат што охрабруваат Закажувам средба пролетна без колебање сакајќи да ја вратам љубовта неистлеана одронета од сонот и рекамот на песната СМОКВА Трепериш од убава помисла сладок плоду од слачна измама тркалезно го откриваш сонот изобилно посеан со семе во кое и страста и отровот тлеат Во своето заклучено време водата и огнот низ восхит се мерат а не можат да се доизмерат зашто мислите им се заврзани за твојата зелена наметка До ограда стисната в градина самотија ми те разјадува те бодреат нашите копнежи од потајум што ти ги праќаме да те будат дур да те разлудат По стеблото сокот ти болтее до коренот што го очекуваш да те спотне и да те распука како чкунка пред твоите врати о дрочна пустино, утехо сакана Како ли ја претопуваш ноќта во зелен молк цврсто стиснат во нас задумана пред својата куќа сета тајна од верби – неверби песна си и жена што нè плени КОПНО Убаво е да се биде на сигурно разгранет од страст и помисла по зборови ослободени од молк и тажно несеќавање Убаво е од височина да блесне да се запоточи безбреговен сон што разгалува и остава траги длабоко во копното мое Убаво е да се куражи сонцето кое го врти виделото со себе ја дарува земјата со изгреви и ни уми време за памтење Не залудно го чекаме него загадочно од жед и биднина моќно да нè жегне со восхитот недосеглив во своето можење ДОСЛУХ СО ПРЕДЦИТЕ Отсекогаш го шемети земниот изгон дослухот со предците го враќа кон себе му ги куси сомнежот и безнадежноста секаде кај што обденот пее и од мастилото од стварноста неспокојна што му се случува почесто како љубов, напати како далечина Па не ретко се пршува: сме ли тоа ние или некој друг во наше име нè жртвува на земјата на која секогаш ѝ прираѓаме поради што и тагата и сонот ни се преголеми за да не се огрешиме сами неправедно без зрнце страв, без трошка понизност во откривањето на вистината, на гласот молитвен од кој и стеблата и водите потреперуваат И таму кај што постоиме и сме постоеле гледа: се отвора вељата порта на провидението зад која ништо не исчезнало од сеќавањето и секој допир во ново руво нè очекува и кон изгревот со предупреда нè крева... ПРЕОБРАЗУВАЊЕ „Светот постои за да се преобрази во песна“ Ференц Јухас Светот во кој единствено постоиме како суштества осудени да мислат да чувствуваат и да бараат излез од сите заблуди, тревоги и јанѕи што можат да го згрмолат неговиот опстој – постои за да се преобрази во песна Тој свет кој ги отвора можностите наши ноќта во ден ја претвора, сушата во жетва нè учи на љубов кога и одвеќе слепи не гледаме колку без неа е студно и колку на животот треба да му се врати – постои за да се преобрази во песна Со сè што го шири и цврсто го крепи пред секоја мена и пред секој посак на ново длабење во коренот сопствен без да се изобличи, да не вјаса толку светот во кого се крие сето наше собство – постои за да се преобрази во песна И таму кај што од понор се крева болката и бесот, зрелоста на духот за да не исчезне тоа што се има сосема слободно и неистрошено уште таму светот со својата полнота и грубост – постои за да се преобрази во песна ОДБИРАЊЕ БИСЕР Тешко е да се наниже бисер што од твојата душа се сронал во устремот на сигурната рака Мајсторот до премаленост долго убавината во него ја мерел милувајќи го со своето око како што се милува чедо во мигот на разделување Му беше предизвик вечен од денот светлина да краде и одново на неговата дланка да ѝ се чуди и восхитува Роден од непозната љубов што во едно навек ги збрала далечините меѓу Охрид и Бајкал тој демне време и грло на кое белиот занес ќе гори и нам ќе ни го запира здивот Од дуќанот во уличката зад нас уште ни допира гласот: “Го одбравте најубавиот бисер што сакав за себе да го чувам” МЕРА. БЛЕСОК Гледаш кај ѕвони светлината над стебла, води и народи мракот го оковала во штама ветерот сургун го испратила и глава кренала од далечина Ја сеќаваш како утринум со шепот галежен и мудар твојот прозорец го буди на твојот праг заседнува и сводот со очи го полни Светот лека стаи разотворил слуша зборот глувоста ја пади долж патјата мигум залегната дланки шири за да го одгрне кругот вечен на откривањето Таа ѕвони од срцето на огнот убавото да запее во нас над нередот редот да го внедри пред зората со твој глас во неа како прво име запшано Не попусто сложуваш приказна за првиот блесок на јадрото што ги надвил сите височини и нè мернал свртени кон себе светлината да си ја мериме СОНЧЕВ ПРСТЕН И би светлост од божјото око сончев прстен ја обви земјата и озгора сега постојано врз нас паѓа големо ткаење Дури свети отворен е патот за крикот прв и следниот воздив и животот полн ни е приказни сонувајќи љубов непозната Нè збрал сите смртни во несмртта и сон слеал во златниот пехар со недоброј желби нè пронижал таму кај што ден по ден ни минал Не за рака – за песна е створен штом низ него цел свет се провира и јас сиот во занес потонат очи праќам в срце да ти влезам Никој мене не ќе ме разбере освен тебе од оган што растеш пошироко нема да ме згрне и поведро да не ме заточи Го повелаш зборот од висина му откриваш длабоки светови од изворот на својата душа и сенката со надеж се храни СВЕТИЛО. РОЖБА Излезено од својата сенка од сонот и зборот што нè препознале на земјата ѝ го дарува сјајот во совршени златни кругови Го шири просторот пред себе и војува со темнината да не залегне предолго блиску до вљубените брегови на животот Не смее ни како прелага да исчезне в небид зракот зашто таму кај што одѕвонува таму зрното од невратка се враќа Кренато високо, високо во словата поцврсти од бадеми чија душа во нашите колка ни открива повелби за потомците На беспатјето му одолева и божилак ни праќа за ракување оти е вечна рожба која горејќи ги надживува сите невиделици РЕЧ И МЕЧТА Како да ве зберам во стракови екот што нема залудно да се стопи да исчезне од премногу љубов во играта Како да ве запрам во сонот да отпочинете во кој мудрооки со жар, не врапито трпеливо корења пуштате кон муграта Како да ви кажам дака сето богатство умот што го дума а срцето не го заборава во јазикот ни е заклучено Затоа поземете ја вивнете ја речта која невидимо не нè заборава и со чекори сигурни во доба и недоба душа ни огрева СЛОВО Слово наследувам еве целосно, без остаток Ме довикува од него крвта прадедовска Моја Упатен кон мене ита гласникот негов прашува дали нè има и колку сме останале Свои Од него севнува молња и в миг им бигори душа на оние кои низ пораз свој испоганиле Корен Го гушкам во тебе огнот со кој ти нè гушкаш свишен од сон, о Слово во нас си бескраен Разлет СВОД „Пукнатини има секој живот“ Добриша Цесариќ Знам: се двојат годините, патеките опкружени нечујно од морето сребрено преполно трепети и коварна тишина на моето лице и не ме плаши мојот иден заглед туку песната што ја облева мојава душа Под оклопот од складност и молчење затворам очи и повтор во мене оној блесок од занеси диви и нераситнето азно кое останува засводено да трае Искачен до неверување го призивам сонот како вечен копнеж врз замислениот сач на небото во кого ми ветуваш храброст отаде животните пукнатини од кои тешко истото цело би се составило Останува да свети в недопирот таен смислата на здивот меѓу ангели и треви нурната в дланки како рана жива која не може да се надитри да се пренебрегне та неочекуваноста и сводот небесно да нè обојат во сино ДУША Бликоти низ облици низ плетки и честаци за да го дочуе времето далечно писмото заборавено и невидливата тишина што бисерно одѕвонува крај отворениот прозорец на старото огниште Во неа се вперени сите тајни сили допирите што длабат смисла без да секнат кога ја откриваме единствената вечност со која е порабен бранот неспокоен бранот што препознава што разголува и штрека Одново траги и пронизи запишани во нејната древност во загледот нејзин од кој застанува здивот и ја осветлува моќно волјата за постоење на битието свое над кое без прекин се отвора исконот на вистината воздигната до безвременост до усвитена недоодица Воспевајќи го неразминот меѓу сонот и огнот што тонат и се воздигаат ту како крик ту како вознес спотнат од долги несоници еве ти се дарувам моја љубима душо тревожна најширшаја загатко на мечтаењето мое За да запловиш слободно несвртувајќи се кон ништо со симнатиот оков што шемети и храбри меѓу телото и духот чунки благорек мерач на заветноста ти го наоѓаш човекот во нас оти големо е она што не се гледа што е докрај непознато а им припаѓа на сите ВОЗДИШКА Во очите ни се таложат распеани залези неосквернети во пламтењето Од возбуда од што ли никогаш не би знаел да ја објаснам тајната на камењарон запишана сред луњите и грмотевиците како свет аманет за потомците Само солза горка и длабока само јанѕа тешка и пеколна ме јаде и ме витосува да не би да ни се истенчи конецот животен та препнати во залетот да останеме скраја да е безпомошни заробеници А всушност од таков стрептеж што ме полазува не оставајќи ме рамнодушен и без воздух јас навистина се плашам НАСМЕВКА Сè трепери и одново совршено му се враќа на изворот Мигот недостижно ја порабува внатрешната тишина и лист по лист во постоење ја претвора Никој не ѝ кажа на сенката дека во преграб со тагата ќе остане заведена од смртта А сепак чиниш од далнина зеленото повисоко се бранува и станува живот со восхит порти ни отвора Така денот ја препознава својата огромност својата питка вода без која би изгорел би стонал СЕКАВИЦИ Доаѓате од непознатото од крајниот немир на симнувањето, на миговите оттргнати од заборавот кои со татнеж ги испраќаме Сведочите сал толку дека ништо не исчезнува ништо не одминува а само се преобразува во различја нужни Ја искушавте ноќта нејната внатрешна тишина од премногу љубов можеби кон сјајот изврен ненадејно раката небеска што го држи Верување сте на вистини од кои и душата се озарува мигум за да ја разгласи сложената едноставност меѓу трепетот и вечноста Затоа уште не знам дали твоето срце има доволно место за сите лелеци и треперења што му отвараат пат на денот ПРИЈАТЕЛСТВО На Мазес и Вели Изнурнува нешто светло од дамнина се пробива низ метежот на времето и копнее да нe види оддалеку за поблиску да нe има засекогаш Разлистува со страст своја непозната час воздив е, час вознес е растреперен заеднички една сила го куражи да му најде трајна мера на животот И натаму трага верно продолжува не остава зборовите да немеат без остаток ги отвора сите врати за да бликне присутноста на смислата До час заден невидливо ќе нe следи глас ќе праќа и онаму кај што не сме на надежда ќе £ биде вечен ламтеж на душата присна сенка разговорна ПОСЕГ На земјава сè уште има место, потреба од нова чувственост, од тајна јасна во веков што почнува да го троши своето време, водата и светлината јадрото возбудено на кое не му прилега исчезнување; Во солта на солзите се продолжува здивот нејзин, реките кои слушајќи го ревот подземен ја мијат милта од душите обнадежени и брзаат непотрошени кон утоките Ги слушаме и сопствените зборови во каменот што тежи на своето место и отаде препалот нè гледа зачудено – во нашиот бол се одзива; А постои сенка во која и гревот и гневот се збрани Од неа обневидуваме божем немаме очи ни срце кое да ги збере пределите коњите разоглавени, мугрите распослани од исток до запад, над сите пустини од кои се стишува гласот на песните Затоа надвор од свирепоста која светот го оддалечува од себеси, од изворот на неговата вечна обнова, нека расте нека да запее незаодливиот восхит со мигот одгатлив посегот што го крепи ИКОНОПИСЕЦОТ На Дичо Зограф Треба да се поита Мајсторе Кон просветленост вечна треба да се стигне Меѓу ридишта страв и врвови од несон на раката знак дарбен во иконописот и живописот црковен да се втисне Тајфата одамна знае Мајсторе дека славата пред сенката сигурно ти зачекорила и трсејќи го Тресонче во сончев сон слеано светлина дари ни и нам Сега од неа Мајсторе врз штиците и ѕидовите ни пее убавината нè сели во надсетилноста и во слапови ги прелева синото и аловото душата и умот со света позлата опточени Можеби восхитот твој Мајсторе им вдахна сила потребана на Џинот и на Прличев зашто божја волја е дарбата и сретението поколенија да го паметат Тоа што не можеше Мајсторе да го понесеш со себе нè загледува опијането од тајна и виделина да се дичиме и ние ко што се дичи со тебе сонот твој иконописан ЛЕТОПИС Кога ќе остане сеќавањето зад нас Кога прав ќе ги потрупа засенетите слогови Ќе заѕвони Тој што во широк лак го провира зракот над минливоста И таен разговор ќе одврзе во нас во ракописот згуснат Телото распокинато од болештини претешки и развеани зазори ќе го спои, збере во руво свое стамено ќе го оѕвезди Со него и сега возухот очекувано одеднаш се проветрува Расте темелот тишината се крева и стварноста неогребана белегот свој го остава читливо врз белината Така тој нè допира од разнебит нè чува и можност не дава да не се разбере расадот на зборовите додека векот векува додека светот светува ДАЛГИ ПРЕД НЕИЗВЕСНОТО Секогаш нешто нужно се дели во нас кога сонот ќе ни залелее како листот од своето стебло и бран голем од вода голема за да ја охрабри извесноста дека сал животот истрајува пред секој глас на неизвесното Тоа тајни загатки ни праќа што отпосле ќе ги толкуваме и сè што истекло повторно се враќа со нов пламен и далги плиснати – ги пилка мечтите, го сили просторот нè разгласува далеку од постојното во кое необјасниво сè повеќе нè има И ние тука сме за да го сакаме довикот што ни ги бранува зборовите кои не попусто ја откриваат во себе муграта без страв што изнурнува под тешките крилја на времето со жед јарка сите да нè згрне и да нè ракува топло како луѓе